Државна матура од 29 мај до 14 јуни, прв пат во листата на изборни предмети информатика и географија

Трите екстерни испити од државната матура од учебната 2020/2021 година во јунската сесија ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни. Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини, а новина има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.

До крајот на годинава матурантите треба да се пријават каков вид матура ќе полагаат – државна матура (за матуранти кои планираат да се запишат на факултет); училишна матура (за матуранти кои нема да продолжат во високото образование и ќе полагаат пред училишна комисија) и завршен испит (за матуранти од стручно образование кои нема да полагаат државна матура). Тие што ќе пријават државна матура треба да ги наведат и предметите што ќе ги полагаат.

Првиот екстерен испит е задолжителен – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).

Државниот испитен центар (ДИЦ) минатата недела формирал комисии кои  ќе ги изготват прашањата за испитите од новите два изборни предмета. За да биде во листата на матурски испити, потребно е одреден предмет да се слуша најмалку две години со одреден фонд часови. Информатиката е воведена и затоа што е барана од учениците, бидејќи многу од нив во изминатите години се заинтересирани за факултетите од областа на информатичките технологии.

Директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска за МИА изјави дека за испитниот материјал за екстерните испити од државната матура ќе се земат предвид скратените наставни програми што Бирото за развој на образованието ги направи поради тоа што учебната година почна еден месец подоцна. Наставните програми, посочи Наумовска, најчесто се скратени во делот на утврдување, повторување или спојување две лекции во една, со цел да се опфатат часовите загубени во септември – просечно околу осум наставни часови по предмет.

– Државниот испитен центар побара во прашањата за матурскиот испит да има помалку детали од лекциите, особено од оние за трета година од пролетниот период кога почна пандемијата. Матурантите што ќе полагаат државна матура тогаш беа трета година во второ полугодие. При изготвување на испитните прашања да се води сметка дека од трета година во второ полугодие имаа пропусти во знаењето – некои реализираа настава како што треба, меѓутоа некои ученици не. Да им олесниме на учениците и да не им даваме простор да реагираат, зашто сфаќаме во какви услови мораа да работат. Но, за оваа учебна година, сметам дека онлајн-наставата се одвива подобро и од очекуваното, истакна Наумовска.

Покрај трите екстерни испити, државната матура опфаќа и еден интерен испит за предмет по избор на учениците, како и проектна задача за која темата треба да ја најават до понеделник (30 ноември), а ќе ја предадат до крајот на март до училишна комисија. Според Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците, темата за проектната треба да биде конечна и внесена во пријавата/апликацијата што кандидатот ќе ја поднесе до 31 декември 2020 во училиштето, заедно со наведените екстерни испити кои ќе ги полага во јунската испитна сесија.

Има новини и за проектната задача во гимназиското образование – матурантите повеќе нема да ја пишуваат како есеј, туку ќе треба да содржи истражувачки дел, како што во стручното образование проектната задача е  производ/продукт.

– Целта е да ги научиме учениците како да работат миниистражувања – собирање податоци, селекција, извлекување заклучоци. Ова е затоа што често во гимназиите се пишуваа раскажувачки есеи, понекогаш и преземени и преведени од интернет. На овој начин ќе ги подготвиме и за високото образование каде што истражувањето е составен дел од семинарските, колоквиумите итн., вели Наумовска.

За одбрана на проектната задача напролет, Државниот испитен центар ќе изготви протоколи и за физичко присуство и доколку презентациите бидат онлајн, во зависност од ситуацијата со вирусот. Двете можности ќе бидат на  располагање, ДИЦ ќе му ги понуди на Министерството за образование и наука, кое ќе ја донесе одлуката.

Иако законски само матурантите со положена државна матура може да се пријават на факултет, тоа не беше секогаш почитувано и контролирано, па факултети со помалку пријавени, запишуваа и кандидати со партиципација кои имаат училишна матура.

– Но, тука е ставено точка. Многу факултети манипулираа и ги запишуваа и учениците со училишна матура, која се реализира во училиште со прашања што ги изготвуваат професорите од училиштето, што е полабаво отколку државната матура. Тоа не беше праведно кон оние што се запишуваа со положена државна матура, додава директорката на ДИЦ.

Наумовска за МИА соопшти и дека Државниот испитен центар паралелно со организирањето на државната матура 2021, подготвува и промени во полагањето државна матура за четиригодишното стручно образование, со тоа што листата ќе се прошири со три стручни предмети. Реформата треба да ги опфати учениците кои сега се втора година во стручните училишта. Новиот концепт се очекува да биде готов и јасен до крајот на следната учебна година за навремено да ги информираат учениците, а целта е да им се олесни пристапот до факултетите од областа за која учеле.

– Тој концепт за државна матура во стручното ќе биде поинаков отколку во гимназиското образование, затоа што на овие ученици им требаат повеќе знаење и вештини од струката наместо, да речеме, филозофија или социологија. Тие досега ја полагаа истата матура. Матурантите од гимназиите беа во предност и затоа што имаат повеќе часови неделно по некои предмети, на пример по математика, рече Наумовска.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Првпат годинава не беше организирана поради пандемијата. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.

Наумовска очекува дека од 13 000 до 15 000 кандидати ќе се пријават да полагаат државна матура во јуни наредната година. Точните податоци Државниот испитен центар ќе ги има во јануари, по добивање на информациите од сите средни училишта откако учениците ќе се пријават до законскиот рок – 31 декември 2020.