Обезбедени 80 милиони денари за ревитализација на Преспанско Езеро, уверува Заев

Премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, посетата на преспанскиот регион ја искористи и за увид и обиколка на Преспанското Езеро за прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на езерото.

Неколку децении наназад нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува и до осум метри во длабочина што доведува до повлекување на брегот на езерото и до стотина метри. Во овој миг нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења, поточно од 1917 година.

Нивото на водата во Преспанско Езеро е намалено за повеќе од три метра, поради што повеќе граѓански здруженија, асоцијации, друштва, активисти на еколошки движења уште од почетокот на оваа есен покренаа петиција за спас на Преспанското Езеро, со упатени конретни барања до Владата. Со петицијата се бараше неодложно прогласување кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро, итно формирање научно/техничка комисија што ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за десет дена од објавувањето на петицијата.

Премиерот Заев, за време на посетата во неделата потенцираше дека без разлика што земајта е „соочени со факторите на кои не можеме да влијаеме,“ како што се климатските промени и актуелната временска ситуација, препораките што произлегуваат од студијата и акцискиот план со конкретни мерки и временски рамки, укажуваат оти излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро ќе се организираат во три фази.

„Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро поддржан од ЕУ. Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро“, порачаа премиерот Заев, соопштија денеска ов владината прес-служба.

Инаку, Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на три до пет милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам. Преспанското Езеро е заштитено како Споменик на природата.

Во 2014 г. УНЕСКО го погласи Охридско-Преспанскиот регион за Прекуграничен биосферен резерват. Преспанското Езеро е дел од Национален парк Преспа во Албанија и Преспа Парк, формиран со заедничка Декларација на премиерите на Македонија, Грција и Албанија во 2000 г..