Колапс: Србија во банкрот од 2015 година?!

Со најголем буџетски дефицит во Европа, во износ од 8 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), и јавен долг кој до крајот на годината ќе достигне фантастични 70 отсто од БДП, Србија жестоко чекори на патот кон банкрот, пишува во своето денешно издание белградскиот весник „Курир“, пренесува Нетпрес.

„Тоталниот финансиски крах и’ се заканува на Србија веќе на почетокот на следната година ако српската влада до октомври не ги спроведе најавените мерки за штедење, а пред се’ не ги намали платите, пензиите и државните субвенции“, вели во изјава за весникот Милојко Арсиќ, професор на белградскиот економски факултет.

Нема повеќе време

„Владата повеќе нема многу време, ниту пак слобода во изборот за мерките за спасување на буџетот од банкрот. Неопходно е до есен да преземе чекори во сите три правци на намалување на буџетскиот дефицит. Тоа подразбира намалување на платите и пензиите, како и на најголемите буџетски расходи, но и до намалување на субвенциите на државните претпријатија“, оценува Арсиќ.

Тој додал и дека државните дотации би требало целосно да се укинат во одредени дејности и системи како „Србијагас“, „Галеника“ и смедеревската железара, кои годишно ги чинат граѓаните повеќе од 100 милиони евра.

„Банкротот настапува кога инвеститорите ќе одбијат да и даваат позајмици на државата, а нам тоа може да ни се случи веќе во следната година, ако владата не го стори она што го најавува“, рекол професорот.

Дека на Србија, во која секој петти граѓанин е невработен, а бројот на пензионери го надминува бројот на вработени, и’ се заканува банкрот увиделе и Французите. Така, новинската агенција „Франс Прес“, во анализа објавена неколку днеови по посетата на српскиот премиер Александар Вучиќ, потсетува дека буџетот на Белград, кој достигнува околу осум ммилијарди евра, е под силен товар од исплатата на пензиите за 1,7 милиони граѓани, и плати за повеќе од 700.000 вработени во јавниот секотр, како и дека има над 20 отсто работноспособни граѓани кои се невработени, а голем дел од вработените пак, едвај преживуваат со просечна плата од 350 евра. Тимоти Еш, главен аналитичар за пазари во развој, во „Стандард Банка“, за АФП изјавил дека очекувањата од новата српска влада се многу големи.

Казните на пазарот

„Ветуваа многу, имаат мандат за реформи и граѓаните од нив очекуваат резултати. Повеќе нема изговори. Ако не дејствуваат, пазарите ќе ги казнат бидејќи размерите на долговите  се приближуваат на нивоа кои предизвикуваат загрижување за одржливост“, рекол Еш.

Во анализата се цитира министерот за економија на Србија, Душан Вујовиќ, дека српскиот буџет дополнително го оптоваруваат субвенциите од 600 милиони евра годишно за 161 јавно претпријатие, кои инаку би требало да бидат затворени уште пред 10 години, но и наведува дека премиерот Вучиќ укажал на подготвеност на владата да спроведе реформи, вклучувајќи и зголемување на даноците, нови резови во јавниот сектор и намалување на субвенциите.

Земја на пензионери

„Ако не го сториме тоа во следните 5-6 месеци, нема никогаш. Имаме повеќе пензионери отколку вработени, од кои пак повеќе од 50 отсто се во јавниот сектор“, рекол Вучиќ.

Јавниот долг – 70 отсто одо БДП

Никола Алтипармаков, член на Фискалниот совет, предвидува дека јавниот долг на Србија до крајот на годинава, би можел да надмине 70 отсто од БДП.

„Лажна е дилемата дали треба да ги намалиме платите  и пензиите, и дали да спроведеме политика на штедење во јавните претпријатија. Немаме избор. Мораме да ги спроведеме сите три работи или ќе пропаднеме“, предупредил тој.