Стапката на смртноста од коронавирусот во Африка над глобалниот просек

Стапката на смртноста кај африканските случаи на коронавирусот алармантно се зголемила на 2,5 отсто од глобалното ниво од 2,2 проценти, наведе во четвртокот Африканскиот центар за контрола и превенција на болестите (CDC).

Претходно во текот на пандемијата, африканската стапка беше пониска од светскиот просек, изјави за новинарите директорот на африканскиот CDC, Џон Нкенгасонг.

„Стапката на смртноста станува загрижувачка за сите нас. Расте бројот на африканските држави со повисока стапка на смртноста од глобалниот просек“, додаде Нкенгасонг.

Двесет и една држава во Африка има стапа повисока од 3 отсто, вклучително и Египет, Демократската Република Конго и Судан.

Стручњаците минатата 2020 година зборуваа дека почетната пониска стапка на смртноста во Африка, можеби била последица на помалиот број тестирања и фактот дека континентот има млада популација.

Иако Нгенгасонг изрази загриженост, челничката на одделот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) за Африка, Матшидисо Моети, на онлајн-конференција за новинарите рече дека африканската стапка на смртноста не е драматично полоша од онаа во другите региони во светот. Додаде дека повисоките стапки веројатно се поврзани со позаразниот сој на коронавирусот откриен кон крајот на минатата година во Јужноафриканската Република.

Со повеќе од 1,3 милијарди жители, во Африка од Covid-19 починале 81.000 луѓе, или 4 отсто од вкупно починатите во светот. Во Африка вкупно се пријавени 3,3 милиони заразени од почетокот на пандемијата, потсети Нкенгасонг.

Минатата седмица здравствените власти на континентот известија за 207.000 новозаразени, од кои само 100.00 нови случаи во Јужноафриканската Република, додаде Нкенгасонг. Истакна дека на Африка ѝ недостасува соодветна медицинска опрема, во прв ред кислород.

„Достапот до кислород за ковид-пациентите е од клучна важност на целиот континент“, истакна првиот човек на Африканскиот центар за контрола и превенција на болестите.

Африканските земји би требало да воспостават меѓународни партнерства за да го подобрат снабдувањето со кислород за болниците, слично како и за другата медицинска опрема и лековите за ковид-пациентите, заклучи Нкенгасонг.