Режимот брутално краде од Буџетот додека ја држи целата држава во заложништво со закана врз здравјето, со можни смртни последици. Режимот не презема ништо досега да почне имунизација, ако за тоа нема провизија. За заштита од смртоносна епидемија од режимот нема ништо, ама затоа се преземаат и се плаќаат милионски проекти, како оној за заштита од можни болести за дрвата во Скопје, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Срамота е Петре Шилегов на четврти март годинава, кога сета јавност беше девастирана заради неморалот и лагите на власта за наводните вакцини, да додели милион денари за животниот сопатник на Мила Царовска, на министерот за образование и наука! Милион денари за 12 месеци, 1.340 евра секој месец, токму за семејството на Мила Царовска, министер за образование? Срамота е, тешко неморално дело е, да се дадат милион денари за да лета дронот на Мила, додека ученици и наставници паѓаат болни, со се потешки последици од короната. Срамота е, наместо да се мисли на заштита на човечки животи, да се мисли како дронот на Мила Царовска да се обезбеди со нов милион од Град Скопје, потпишан од Петре Шилегов за нејзиниот близок партиски соработник. Срамота е што токму во изборна година дронот на Мила Царовска лета на буџетски милионски сметки
Срамота е во време на тешка економска криза со десетици илјади оставени без работа како последица на епидемијата, да се мисли на наводна „рана детекција на растителни болести“, да се мисли да се снимаат дрвјата во скопско, само за сопатникот на Мила Царовска да има обезбеден милион за цела година.
Срамота е да нема додатни средства за образованието, за оние оставени сами на себе во вонредни услови, срамота е дел од нив да одржуваат физичка настава без обезбедена заштита, а да има милион за сопатникот на Мила Царовска“, рече Стоилковски.
Додаде дека, исто така, срамно е што плејада научни дејци се борат против штетните зафати во образованието, срамота е што матуранти мораа да протестираат, срамота е што десетици илјади деца не следат настава, а мислите на режимот да се упатени кон обезбедување нови милиони денари за една година. Нов милион денари, по оние речиси милион за прелетување депонии, или за можно ангажирање за било што од Петре Шилегов, што ќе донесе пари од буџетот во семејството на министерот за образование. Срамота е ако се има срам и ако се има образ. Режимот е се подрзок и поодлепен од реалноста. На режимот се му е евтино, кога е на буџетска сметка!