Заев треба да има средба со АА и Алтернатива и да разговараат за државјанствата и пописот

Премиерот Зоран Заев, заедно со министрите за правда и внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, најави дека денеска во Собранието треба да се сретне со претставници на албанската опозициска коалиција на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива, за да најдат решение за деблокада на Собранието.

Средбата ќе следува откако во понеделникот, Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, договори одложување на пописот од април за септември, за што премиерот се консултирал и со коалициските партнери од ДУИ и БЕСА. Меѓутоа, со одложувањето не се согласуваат АА и Алтернатива, чии лидери, Зијадин Села и Африм Гаши, најавија дека ќе го искористат Бадинтеровиот принцип да го блокираат одложувањето на пописот. Оваа коалиција со амандмани ги блокира и останатите закони во парламентот барајќи да се донесе законот за државјанство.

На овие теми Заев денеска би требало да разговара со претставниците на АА и Алтернатива, а во неговите изјави вчера попладне беше оптимист дека ќе се најде решение. За пописот рече не би требало да има причина да се блокира неговото одложување со оглед дека токму овие партии претходно барале истиот да се одложи од слични причини – ситуацијата со ковид-19.

Во однос на законот за државјанство, пак, Заев исто така беше оптимист дека ќе се пронајде решение.

„Како и да е нашата намера е јасна сакаме да најдеме решение и да ги отстраниме сите можности за блокирање зошто не се работи за опструкции, за несакање да се најде решение, туку за изнаоѓање на трајни решенија кои нема да предизвикуваат понатаму проблем“, рече Заев.

Тој најави дека најверојатно ќе треба да искомуницира со партиските лидери Села и Гаши во пресрет на средбата, додека од Алијанса за Албанците, пак, вчера најавија дека сè уште не се сигурни дали ќе се сретнат со премиерот.

„Не знаеме дали треба да седиме со нив на маса. Но има партиски тела што денес ќе одлучуваат. Имаме сериозни дилеми дали вреди да седнеме со личност која ја менува изјавата пет пати на ден. Човекот не е сериозен и тешко е да се најде заедничко решение со него. Тоа што го ветува денес, утре не го исполнува“, изјави вчера Таравари.