Ковачки: Наместо да летаат со хеликоптери, власта требаше да ги користи за потребите на граѓаните

Би сакал да упатам критика и до Владата и до министерот за внатрешни работи кој што е дел од владата, не конкретно за работата на полицијата во делот на постапувањето со пандемијата, затоа што полицијата е оперативна и тоа што ќе и се пропише, тоа ќе го работи, меѓутоа владата е таа која што ги носи мерките. Очигледно тие мерки се недоволни, и ако најјаката мерка во моментот е полициски час од 22 до 05 мислам дека тоа е поразително, и е само мерка за дефокусирање која што нема никаков резултат. Таа е одлука практично на неспособноста, вели член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во денешното вклучување во емисијата Стадион на Радио Канал 77.

Ковачки нагласи дека власта тотално потфрлила со справување со пандемијата, додавајќи дека ова се темели и на фактот што наместо вакцинацијата да започне, власта постојано го пролонгирала терминот за масовна вакцинација, што според него претставува неодговорно и несериозно.

„Факт е дека во изминатиот период видовме тотално потфрлање на кризниот менаџмент на Министерството за здравство и владата, во целост. Последицата на таа неспособност е експозијата на пандемијата, гледаме како починуваат наши роднини, пријатели, сограѓани. Еве каде ја гледам таа неспособност, еве ви го последниот пример на неспособност, значи не само што не обезбедивме вакцини од никој заради одредени провизии, сега кога ни дадоа вакцини Србите и по КОВАКС механизмите, наместо од среда до недела ние да ги вакциниравме нашите сограѓани ние цело време пролонгираме, па не е среда туку петок, па не петок па ќе биде понеделник. Мислам тоа е толку неодговорно и несериозно што не заслужува понатамошен коментар“, изјави тој.

Ковачки коментирајќи ја вчерашната ситуација каде Заев, Филипче и Шахпаска летаа со хеликоптер, како и изјавата на Заев дека тие се користат за исполнување на часови на пилотите, посочувајќи дека наместо тие да ги користат, истите да се стават во корист за потребите на граѓаните.

„Еве конкретно за министерството, вие вчера имавте ситуација како министерот за здравство, министерката Шахпаска и премиерот се возат со хеликоптер и го користат како такси служба. Па потоа слушаме како премиерот објаснува дека тоа било потреба за пилотите да летаат, да ги исполнат потребните часови, епа зошто тие часови не ги правевте од почетокот на кризата и конкретно тоа не го правевте за болни наши граѓани, на крајот на краиштата тие граѓани ве плаќаат. Навистина оваа забеганост не ми е јасна.  Ние мораме да најдеме начин за излез од оваа ситуација, затоа што ценам дека по итно треба да имаме оставки од одговорните и кривичната одговорност“, рече Ковачки.

Истакна дека нема забелешки во однос на работата на полицијата, односно како што рече тој полицијата го работи она кое што ќе и се каже, но има забелешки во делот на криминалот и корупцијата која се посочува и со последниот извештај на Стејт Департментот.

„Во делот на постапувањето на полицијата со пандемијата, немам забелешки затоа што тоа што ќе и се каже, тоа таа работи, меѓутоа имам забелешки во другиот дел, во делот на корупцијата, криминалот итн. Вие знаете дека со последниот извештај на Стејт департментот нивото на корупција е оценето со високо, значи не е само констатирано дека постои корупција, не е само констатирано дека постои низок, среден степен, туку постои висок степен на корупција и постои насилство и закани од насилство врз новинарите„, објасни  Ковачки.