Котлар Трајкова: Гоце Делчев е личноста врз која почива македонската државност, датумите поврзани со него треба да се светост за македонската нација

Во вечерашното издание на дебатната емисија „Што не е јасно?“ гостуваше професорката Наташа Котлар Трајкова која зборуваше за односите меѓу Македонија и  Бугарија, негирањето на ликот и делото на Гоце Делчев, како и владините отстапки во однос на националниот идентитет и заштитата на македонските интереси.

Котлар потенцираше дека славењето на Гоце Делчев и доделувањето на наградата која го носи неговото име не смее никогаш да биде под знак прашалник или пак да се потисне премолчувајќи го големиот ден посветен на најголемиот македонски деец. Таа додаде дека Гоце Делчев многупати низ историјата велел дека е Македонец и дека самиот тој се борел за Македонија и никој друг, и токму поради тоа властодршците во Македонија не смееа да дозволат 4-ти мај да остане неодбележано.

„Гоце Делчев е човек кој потекнува од Кукуш, а Кукуш е средиштето на македонската преродба. Сите луѓе кои што биле значајни во македонската преродба, поминале низ Кукуш. Зрачењето на тој град не е случајна, бидејќи самата судбина на Кукуш е значајна и вредна поради тоа што тоа бил центарот на движењето на идејата за слободна Македонска држава. Ако Делчев сметал дека требало да има поврзаност со некоја друга држава, во овој случај Бугарија, тогаш Делчев ќе го кажел јасно тоа, исто како што го кажал за Република Македонија“, вели Котлар Трајкова.

„Историјата на Македонија е прифатена од мнозинството земји во светот. Исто така признаено е и уставното име Република Македонија. Не може една земја која што има проблем сама со себе да ја изменува историјата на една држава, бидејќи таа историја е поткрепена со факти кои се запишани и датираат од многу порано“, вели Котлар.

Несомнено Гоце Делчев е човекот кој заслужил македонскиот народ да ги слави датумите поврзани со него, бидејќи тој е деецот врз чија личност почива македонската државност и историјата на Република Македонија. Не смее никогаш повеќе да се дозволи пропустот кој оваа власт свесно го дозволи, потиснувајќи ја сопствената историја.