Уште еден Колумбиец уапсен во врска со убиството на претседателот на Хаити

Властите на Хаити приведоа најмалку 18 колумбиски платеници и двајца Американци од хаитско потекло кои се сомничат за учество во убиството на претседателот Живанел Моис, соопшти хаитската полиција.

„Силите за национална безбедност веќе приведоа 20 лица, меѓу кои се 18 Колумбијци и двајца Американци со хаиќанско потекло, осомничени за вмешаност во атентатот врз претседателот на државата“, се наведува во соопштението.

Претходно беше објавено за апсење на 15 Колумбијци, коишто според изјавите од колумбиското министерство за одбрана се пензионирани војници, и двајца Хаиќани со американско државјанство.

„Националната полиција штотуку го приведе Мендивелсо Хаимес Гурсен, колумбиски државјанин, еден од шестмината по коишто се трагаше за убиството на претседателот“, се додава во соопштението од ноќта кон саботата по средноевропско време.

Безбедносните сили на Хаити посочуваат дека во моментов се трага по уште петмина осомничени, и оти тие ќе бидат приведени. Претходно беше објавено дека групата наемници броела вкупно 28 лица, од кои 26 Колумбијци, како и дека седуммина се убиени во полициските операции претходните денови.

Привремениот премиер на Хаити, Клод Жозеф, претходно изјави дека некои од извшителите на нападот зборувале англиски и шпански. Го повика населението на смиреност, уверувајќи дека полицијата и војската ја имаат контролата над сотуацијата во земјата каде што на сила е 15-дневната воена состојба.

Претседателот Моис беше смртно застрелан при напад во неговата резиденција ноќта кон средата. Неговата сопруга Мартин Моис сѐ уште се наоѓа во критична состојба.