Според календарот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (Јулијанскиот календар) денеска е 30-ти јуни, кога се одблежува празникот Собор на 12- те апостоли – Павловден.
Вториот ден од завршувањето на постот е празник на сите 12-те Апостоли, кој е нивен главен заеднички празник, слично како што има соборни денови и за свети Јован Крстител, за архангел Михаил итн. Апостолите се слават како темели на црквата, што навистина се, зашто тие се првите луѓе кои во потполност ја примија Благата вест за единствениот можен Спасител на луѓето и на светот. Уште повеќе затоа што веста за тоа ја проширија по сите краишта на Вселената.
Овој празник е посветен на споменот на најблиските ученици на Исус Христос, кој целосно ги напуштиле световните работи и се посветиле на учењето на Спасителот. Празникот се слави како Собор на сите славни и свехвални дванаесетте апостоли.
Станува збор за едно од најдамнешните празнувања. Првите споменувања на овој празник се наоѓаат во IV век. Црквата, почитувајќи го секој Христов ученик во различно време од годината, им воспоставила заедничко одбележување следниот ден по сеќавањето на првите апостоли Петар и Павле.
Апостол во превод значи „слуга Божји“. Сведоштвата за нивните животи се содржани во Евангелието, во Делата и во Светото предание. Меѓу дванаесетте ученици, повикани од Исус Христос, беа: Петар и неговиот брат Андреј, Јован Богослов и неговиот брат Јаков Забедиј, Филип, Вартоломеј, Матеј Леви и неговиот брат Јаков Алфеј, Тома, Тадеј, Симон Кананецот и Јуда Искариот. Потоа Јуда, кој го предаде Господ, го заменил Матеј. Во текот на нивните животи апостолите доживеале многу тешкотии и маки, не ги разбирале, ги сметале за налудничави, ги прогонувале и изгонувале. Од овие 12 ученици Христови, само еден – Јован Богослов, умрел со природна смрт. Сите други биле до смрт измачувани од нивните прогонители.
Народните верувања забрануваат вршење тешки и валкани работи, кавги со најблиските и поганости на овој ден. Едно од таквите народни суеверија вели дека на овој ден не треба да се сече косата, се верува дека со стрижење на косата денеска се скратува својата судбина. Исто така, се забранети и алкохолни пијалаци, коцкање и секакви други злоупотреби.