(ВИДЕО) Мицотакис за пожарите – Ова е кошмарно лето

Апокалиптични сцени од страшните пожари во Грција го потресоа светот.Илјадници туристи и жители се евакуирани од местата северно од Атина, бидејќи шумските пожари се шират низ целата земја.

Огромни пожари беснеат во Грција петти ден по ред. Две лица загинаа, а најмалку 20 се хоспитализирани. Новата жртва на пожарот е доброволен пожарникар, кој бил погоден од електричен столб и загинал. Другата жртва е Константинос Михалос, претседател на Стопанската комора во Атина, кој бил пронајден мртов во фабрика зафатена од пожар.

 Во моментов беснеат повеќе од 150 пожари низ целата земја, а вонредна состојба е прогласена во шест области. Двете најпогодени области се северно од Атина и на островот Евија. Гори и во близина на Олимпија и Спарта на полуостровот Пелопонез, каде што се извршени масовни евакуации.

Најлошото е на вториот по големина остров Евија, кој е уништен од пламените јазици. Стотици луѓе морале да бидат евакуирани со траект, а локалните жители им се придружиле на пожарникарите во гаснењето на пожарот.

Пожарот, кој започна во вторникот на островот источно од Атина, брзо избувна на неколку фронта. Уништил илјадници хектари шума на север и принудил евакуација на десетици села.

„Ситуацијата е многу тешка“, изјавил гувернерот на Централна Грција, Фанис Спанос, за ТВ Скај. „Северниот фронт поминува низ островот од една на друга страна“, додаде тој.

Светот е шокиран од застрашувачката снимка од евакуацијата на луѓето од островот со траект, објавена од Meteo.gr. На снимката се гледа како луѓето во шок го гледаат од траектот пожарот што го опкружува островот зад нив. Додека луѓето бегаа со чамци, зад нив ридовите се покриени со висок пламен и чад. Итна евакуација со бродови е иницирана откако пожарот ги прекина сите други можни патишта за евакуација.

Шумски пожари избувнаа во многу делови на земјата во услови на најголемиот топлотен бран во Грција во последните 30 години, уништувајќи шумско земјиште, уништувајќи домови и деловни објекти и убивајќи животни. Грција, како и голем дел од Европа, се соочува со екстремни горештини ова лето.

Стотици пожарникари се обидуваат да ги контролираат пожарите со помош на 20 авиони. На Грција и помагаат пожарникари од Украина, Романија и Кипар, Хрватска, Франција, Швајцарија и Шведска. Дополнителни сили и противпожарни авиони испраќаат Велика Британија, Франција и САД.

Премиерот Кирјакос Мицотакис го нарече пожарот летен кошмар, додавајќи дека приоритет на владата е првенствено да ги заштити човечките животи. Тој додаде дека пожарите ја покажуваат „реалноста на климатските промени“.

По островот Евија, најголемиот пожар е во предградието на Атина, каде силните ветрови го однесоа огнот во градот Тракомакедон, чии жители добиле наредба да се евакуираат. Пожарот оставил запалени и поцрнети куќи и автомобили меѓу изгорените борови дрвја. Облак чад се надвисна над главниот град, а воздухот е таков што е тешко да се дише.

Пожарот што предизвикува чад се шири низ Атина, каде властите отворија телефонска линија за жителите со проблеми со дишењето. Огромни облаци од чад и пепел во близина на Атина принудија некои жители да го напуштат градот.

„Навистина е лошо“, рече Танасис Калудис, жител на Тракомакедон. „Цела Грција изгоре“, додаде тој, пренесува Ројтерс.

Локален претставник за регионот Мани на Пелопонез проценил дека пожарот уништил околу 70% од површината.

“Тоа е библиска катастрофа. Зборуваме за три четвртини од општината”, изјави заменик-градоначалникот Мани Дракулаку, за државната телевизија ЕРТ, молејќи се за повеќе противпожарни авиони.

Пожарот во подножјето на планината Парнит северно од Атина принуди евакуација на илјадници луѓе од доцна во четвртокот навечер. Евакуациите продолжија и вчера попладне, но се очекува да се засилат ветровите и се уште има голема закана дека пожарите повторно ќе се разгорат.

„Во никој случај не можеме да бидеме задоволни“, рече заменик министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас за време на итен брифинг. „Водиме многу голема битка.

Десетици пожари избија во последните 24 часа, а најголемите фронтови сеуште се во Евија и областите на Пелопонез, вклучувајќи ги Аркадија и древна Олимпија, местото на првите Олимписки игри.