„Од 135 ветени проекти во 2017-та година има реализирано 12, делумно реализирано 22 проекти, а 101 нереализиран. Значи ваков дебакл јас да доживеам во животот, јас нема да имам храброст да го довршам мандатот и предвреме би си заминал, а не да барам доверба за нови четири години“, нагласи Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на општина Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24.
Ѓорѓиевски додаде дека мандатот на Темелковски ќе се памети по грубата партизација и преблокирање на Општината со партиски вработувања од разно разни општини, и по насилната бетонизација на општината. Граѓаните не видоа ниту еден единствен проект.
„Филип Темелковски четири години говори за градинка во населба Драчево, во четири години Филип Темелковски во таа градинка не успеа ниту лента да пресече и да овозможи барем едно детенце да влезе и да биде сместено таму. Зборуваме за најкатастрофален биланс на реализација на проекти било кога случено во минатото на нашите простори во Кисела Вода“, појасни Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека тој нема да биде градоначалник како Темелковски да плаче и да се жали, туку ќе ги решава проблемите на граѓаните.