Министерката за здравство на Црна Гора, Јелена Боровиниќ Бојовиќ изјави дека здравствените власти одлучиле да и дадат приоритет на имунизацијата, наместо полициски час на територијата на државата, јави РТЦГ.
– Новина е што во иднина, статусот на делумна вакцинација (една доза) нема да се признава и дека ќе можеме да влеземе во трговски центри само доколку исполнуваме еден од пропишаните услови од Националните дигитални Ковид потврди. Заострени се и условите за влез во нашата земја, рече Боровиниќ Бојовиќ на прес-конференција.
Таа додаде дека немало да дојде до промена на мерките доколку се почитувале важечките епидемиолошки мерки.
– Охрабрувачки момент е што 45 проценти од возрасните граѓани во Црна Гора се вакцинирани барем со првата доза, но тој процент мора да биде значително подобар, истакна Боровиниќ Бојовиќ.
Децата до 18 години се ослободени од условите од Националниот сертификат за Ковид, а терасите на кафулињата и рестораните ќе работат како и досега. Дигиталните сертификати за Ковид ќе треба да се контролираат во трговските центри.
Мерките што ги усвои Владата на Црна Гора ќе стапат на сила утре и ќе важат до 24 септември.
– Во рамките на дигиталниот сертификат за Ковид, статусот на делумна вакцинација повеќе нема да се признава. Во таа смисла, сертификатот ќе важи само ако лицето исполнува еден од пропишаните услови – дека поминале 14 дена од втората доза на вакцината која се дава во две дози или 14 дена од имунизацијата со вакцина со една доза, рече министерката.
Таа појасни дека вториот услов е негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или позитивен ПЦР тест постар од 14 дена, а не постар од 180 дена. „Исто така може и лицето да има негативен брз тест кој не е постар од 48 часа, рече Боровиниќ Бојовиќ.
Од 14 септември, влезот во Црна Гора е дозволен само ако црногорските граѓани и странци исполнуваат еден од пропишаните услови во однос на вакцинацијата.
Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Игор Галиќ вели дека повеќе од една третина од заболените граѓани се на возраст меѓу 20 и 39 години и тие се најчестите носители на вирусот.
– Според податоците добиени од Институтот за јавно здравје од болниците, 86,5 проценти од починатите од коронавирус од 4 мај до денес биле невакцинирани пациенти, рече Галиќ. (МИА)