Карлос Шакалот бара намалување на доживотната казна

Карлос Шакалот, левичарски милитант кој во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век организираше терористички напади ширум светот, во средата пред францускиот суд бараше намалување на доживотната затворска казна која му е изречена за смртноносниот бомбашки напад во Париз во 1974 година.

Самонаречениот „професионален револуционер“, роден како Илич Рамирез Санчез во октомври 1949 година во Венецуела, се наоѓа во затвор во Франција откако француските специјални сили го грабнаа во суданската престолнина Картум во 1994 година.

За смртоносниот напад со граната врз продавница на париските Елисејски полиња, во кој загинаа две а ранети беа 36 лица, беше прогласен виновен во 2017 година.

Во жалбената постапка којашто започна во средата нема да бара отфрлање на вината, туку само намалување на затворската казна, откако највисокиот франциски суд ја отфрли минатата пресуда поради технички прашања и ја врати постапката пред понискиот суд.

Одлуката на жалбата се очекува во петок. Карлос Шакалот има уште две доживотни казни и ги загуби жалбените постапки во тие случаи.

Едната од нив е за убиството на двајца француски полицајци и нивен доушник во јуни 1975 година, а втората за напад врз возови, железничка станица и париска улица во 1982 и 1983 година, во кои загинаа 11 а повредени беа уште 150 луѓе.

Марскистичкиот милитант во 1970-те и 1980-те стана најбараниот бегалец и најголемиот непријатал на западните влади. Светски познат стана кога во името на палестинското прашање како заложници ги држеше министрите за енергетика на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во седиштетот во Виена во 1975 година, кога загинаа три лица.

Прекарот Шакалот му го дадоа медиумите, откако еден новинар во станот кој го користел во Лондон видел примерок на книгата „Денот на шаклот“ на Фредерик Форсајт.