В.Д. директорот на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојковски денеска информира дека откако е дојден на функција, издадени се решенија за забрана на прием и третман на 26 видови на опасен отпад во ЈП „Дрисла“, поради непоседување на соодветни инсталации.
Од Државниот инспекторат за животна средина добиле рок од 90 дена, а преостанат е уште еден месец од истиот, за тие да поднесат барање за измена на интегрираната дозвола и да ги раскинат сите договори за прием на таков отпад – во спротивно ќе бидат парично казнети.
„Ниту сме депонирале, ниту сме согорувале ниеден од наведените видови на опасен отпад, освен медицинскиот, кој се согорува во соодветната печка и ги повикувам сите, и надлежните институции и граѓанските здруженија и медиумите, да дојдат на „Дрисла“ и да се уверат самите во ова, за веќе еднаш да престане хајката која, не знам од кои причини се води против нас“, изјави директорот на скопската депонија „Дрисла“, Коста Начевски во разговор за „Слободен печат“ веднаш по прес-конференцијата на директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, на која тој соопшти дека на Дрисла ѝ е изречена забрана за прием и третман на дури 22 вида опасен отпад.