Се формира дисциплинска комисија за тепањето ученик во ОУ „Панајот Гиновски“

Во училиштетото „Панајот Гиновски“ е започната постапка за формирање дисциплинска комисија која треба да ги утврди околностите и да одлучи како ќе постапи со наставникот по англиски јазик кој физички се пресмета со ученик од 7 одделение, што ја згрози јавоста преку објавеното видео на „ Тик Ток“.Денеска во училиштето беа инспектори од Државниот просветен инспекторат , чии констатации од записникот јавноста ќе ги дознае утре.

Започната е процедура за формирање дисциплинска комисија во училиштетото „ Панајот Гиновски“, во Бутел, која ќе ги утврди фактите и ќе одлучи како ќе постапи со наставникот , кој тепаше ученик, ни кажа во телефонски разговор, директорката на училиштето, Ќамуран Реџа. Денеска во училиштето беа и двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат.

За случајот, директорката на училиштето го извести МВР, од каде велат дека е извршен разговор со лица поврзани со случајот и по насока на Јавен обвинител ќе биде доставен соодветен поднесок до обвинителството. А, од ОЈО велат дека се дадени насоки за постапување. Нема оправдување за агресивното однесување , коментираат психолози во „ Утринска на Телма“. Според нив, ова не е единствен случај и не треба да остане како и претходните само со дисциплинска постапка за наставникот.

На видеото кое ја вознемири јавноста, а беше објавено викендов на „ Тик Ток“, се гледа како наставикот првин му удира шлаканица на ученикот, а потоа го крева од земја и го спушта, додека исплашениот ученик се обидува да го заштити лицето, покривајќи го со рацете.