СВР Скопје до ОЈО Скопје со кривична пријава го предаде И.М. (52) од Плзен, Р.Чешка, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Фалсификување пари“ по чл.268 од КЗ на РМ. Од страна на Судија во претходна постапка на И.М. му е изречена казна затвор во траење од две години, условно за пет години како и мерка – седум години протерување од Р.Македонија.
Имено, пријавениот управувајќи ТМВ „Мерцедес бенз“ со приколка со чешки регистерски таблици, на 22 минатиот месец пристигнал на магистралниот пат – Качанички пат бб, на бензинската пумпа „Дизел“ сопственост на правното лице “Кап Корпорација“ Скопје. Откако во ТМВ наточил дизел гориво во вредност од 40.365. денари, не платил со картичка туку на вработениот му дал банкнота во апоен од 500 евра. Вработениот се посомневал во оригиналноста на банкнотата и го известил синот на сопственикот кој бил во непосредна близина заедно со уште еден вработен, при што и тие се посомневале во оригиналноста на банкнотата и му рекле да му ги врати парите за да пријавениот ги смени во менувачница и плати со денари.
И.М. ја земал банкнотата од 500 евра и од возилото донел други банкноти, од кои две од по 200 евра и една од 100 евра за да плати, при што во меѓувреме вработениот ги запишал регистарските таблици од ТМВ, а кога вработениот ги однел банкнотите на синот на сопственикот на бензинската пумпа, овој повторно се посомневал во нивната оригиналност, но пријавениот веќе бил заминат.
Со цел да се провери нивната оригиналност, ги однеле банкнотите во менувачница, при што им било кажано дека двете банкноти во апоени од по 200 евра не се оригинални, додека банкнотата во апоен од 100 евра била оригинална. По ова веднаш му било јавено на вработен од бензинската пумпа и тој бил упатен кон ГП Блаце за да провери дали возилото и возачот ја напуштиле Р.Македонија. Но на ГП Блаце му било кажано дека возилото ја напуштило Р.Македонија, по што истиот горенаведеното му го пријавил на полицискиот службеник.
Наредниот ден при влез во Р.Македонија, пријавениот И.М. од страна на полициски службеници од ГП Блаце бил лишен од слобода и при прегледот на ТМВ, на совозачкото седиште во кабината била пронајдена една банкнота во апоен од 500 евра која со Потврда за привремено одземени предмети била одземена од пријавениот и предадена на СВР Скопје- ЕЕКК.
Истиот ден, од СВР Скопје- ЕЕКК од вработените во бензинската пумпа со Записник за примање кривична пријава и со Потврда за привремено одземени предмети одземени се двете банкноти во апоени од по 200 евра, кои заедно со банкнотата од 500 евра се доставени до Народна Банка на РМ, Дирекција за трезорско работење, од каде е добиена експертиза во која е констатирано дека трите предметни банкноти се фалсификувани.