Агенцијата за испитување на јавното мислење Рејтинг во два наврати, на 25 септември и на 11 октомври, годинава, објавила резултати од испитување на јавното мислење за рејтинзите на кандидатите за градоначалник на Град Скопје, за кои постои сомневање дека се незаконски финансирани и нарачани од Град Скопје, поточно од тогашниот градоначалник Петре Шилегов.
Врз основа на ова сомневање Државната комисија за спречување корупција побарала од Град Скопје да ја достави целосната документација со којашто ќе се утврди фактичката состојба. Ваквото објавување на јавното мислење е спротивно на член 77 став 2 од Изборниот законик, а според барањето за документацијата, Антикорупциска се сомнева и дека овие испитувања на јавното мислење се финансирани од државни средства и пари на градот, затоа што Рејтинг има склучено договори за менаџмент и консултантски активности со државни институции и со Град Скопје. Но, дали со овие договори е опфатено и испитување на јавното мислење за рејтинзите на кандидатите во текот на изборната кампања за Локалните избори 2021, нешто што е дефинирано и регулирано токму со Изборниот законик? Дали средствата на градот е дозволиво да се трошат за кампањата на извесен кандидат?
За ова сомневање ставот на Град Скопје е дека средствата на градот треба да бидат користени исклучиво за потребите на градските служби, за подобрување на услугата кон граѓаните и за активности со бенефит за граѓаните. Се’ надвор од тоа е незаконски и недозволиво трошење на градските пари.
Во барањето, Антикорупциска точно наведува кои документи Град Скопје треба да ги достави во однос на постапката за јавна набавка, односно записниците од отворањето на понудите, техничката документација што вклучува финансиска понуда, способност за спроведување на истражувањето, како и извештај за спроведена постапка. ДКСК бара од Град Скопје да достави и целосна документација за реализација на склучениот договор како доказ за нарачани и извршени анкети во кој било формат.
Од градот добивме информација дека агенцијата Рејтинг имала и годишни договори со град Скопје за спроведување на анкети секој месец за што се исплатувало сума од речиси 1 милион денари секоја година. Овие договори се јавни и објавени на сајтот за јавни набавки.
Рејтинг е агенција на Никола Спасов, син на Ѓорѓи Спасов поранешен функционер во СДСМ. Никола Спасов беше еден од најгласните на социјалните медиуми во предизборната кампања со коментари насочени против Данела Арсовска и другите кандидати на сметка на Петре Шилегов.