Дел од Малешевските планини прогласени за заштитено подрачје

На 127-ма седница одржана во вторникот, Владата донесе Одлука за прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел. Површината на идното заштитено подрачје заштитен предел-Малешево изнесува 11460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.

„Прогласувањето на дел од Малешево за заштитен предел ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Ramsar и др.), за прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата и од Националната стратегија за биолошка разновидност, како и за прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Република Бугарија, развој на екотуризмот и локалната економија и др“, истакнаа од Влада.

Присуството на бројни, меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, значајни локалитети од аспект на геодиверзитетот, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата која резултирала со појава на значајна пределска разновидност, го прават Малешево особено вредно за зачувување. Согласно одлуката на Владата, со заштитеното подрачје Малешево интегрирано ќе управува ЈП „Национални пуми“, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото, истакнаа надлежните.

Примената на швајцарското искуство во вакви процеси, како и примената на партиципативен пристап со различни релевантни чинители, како што додадоа придонесоа кон успешноста на овој процес.

„Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје се води во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП) и е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од ‘Фармахем’ од Скопје“, додадоа координаторите од општините Берово и Пехчево.

Локалната експертиза во процесот како што додадоа е на Македонското еколошко друштво (МЕД), со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и целните општини Берово и Пехчево.