Краткометражниот игран филм „Враќање“ во режија на Дина Дума доби прва награда на филмскиот фестивал во Херцег Нови, во рамки на студентската филмска програма. Гран-при и е доделено од жирито на фестивалот за најдобар филм во целост.
„Враќање” е дипломски филм на Дина Дума, дипломиран филмски режисер во класата на проф. Столе Попов, и на Наум Доксевски, дипломиран филмски снимател во класата на проф. Апостол Трпевски, студенти на Факултетот за драмски уметности од Скопје.
Главните улоги ги играат Ивана Павлаковиќ и Димитрија Доксевски. Во екипата се и Софија Куновска, Никола Ристановски и Владо Јовановски, и младите актери Кристина Леловац, Ивица Димитријевиќ, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Аксел Мехмет и Александар Вељановски.
„Враќање“ е комплетен продукциски производ на Факултетот за драмски уметности, снимен со буџет од Филмскиот фонд на РМ.
На фестивалот во Хергец Нови беа прикажани уште два играни краткометражни филма и еден документарен филм во продукција на Факултетот за драмски уметности – „Шекспирова 9/1”, „Аудиција” и „Вонземјанинот Ли”.
Скопската премиера на „Враќање”, како и на Шекспирова 9/1” и „Аудиција”, е закажана за крајот на септември.