Во наредниот период Македонија и Бугарија низ дијалог треба да најдат начин и временски рок којшто ќе биде најсоодветен за да се внесе бугарското малцинство во Уставот на нашата земја. Ова го одговори вицепремиерот Бојан Маричиќ на новинарско прашање денеска во Скопје.
– Утврдување и јавно искажување на какви било временски рокови до сега воопшто не ни помогнаа во разговорите. Ние сме сѐ уште во фаза во која што ги изнесуваме позициите и од едната и од другата страна во која што бараме начини како отворените прашања по коишто имаме различни позиции да ги решиме и да ги ставиме во еден план којшто ќе нѐ доведе до подобрување на односите и отстранување на пречките за почеток на преговорите. Ние, нашата Влада, повеќе пати јавно истакнавме дека поради нашиот концепт на Уставот утврден уште во 2001 со Охридскиот рамковен договор, немаме проблем да ги впишеме во нашиот Устав и другите заедници коишто досега не се вклучени, како хрватската заедница, и црногорската, и бугарската заедница. Така што, постои јасна политичка волја за тоа. Нашиот став е дека тоа треба да се направи пред нашето влегување во ЕУ. Останува во наредниот период во разговор и отворен дијалог со Бугарија да најдеме и начин, меѓутоа и временски рок којшто ќе биде најсоодветен за тоа – рече тој.