Саудиска Арабија погубила 81 маж, меѓу кои седум се државјани на Јемен и државјанин на Сирија, во изминатите 24 часа поради обвинувања за тероризам и „девијатни убедувања“, објави во саботата државната новинска агенција SPA.
Меѓународните организаци за човекови права, повикувајќи се на официјални податоци, наведуваат дека во минатата 2021 година во оваа арапска монархија на Блискиот исток биле погубени вкупно 67 лица, а претходната 2020 година вкупно 27 лица.
„Овие лица… се осудени за разни злосторства, вклучително и убиства на невини мажи, жени и деца. Злосторствата кои ги извршиле овие поединци, исто така, вклучуваат завет за лојалност на странски терористички организации, како што се Исламската држава, Ал Каеда и Хути“, го цитира SPA соопштението на саудиското министерство за внатрешни работи.
Некои од егзекутираните осуденици патувале во зоните на судири за да им се придружат на терористичките организации, се додава во информацијата на агенцијата.
Меѓу погубените имало 37 саудиски државјани кои во еден случај се прогласени виновни за обид за убиство на припадник на безбедносна служба и напади врз полициски станици и конвои.
Состојбата со човековите права во Саудиска Арабиија е сѐ почесто под критики и опсерварции на меѓународната јавност преку групите за човекови права и западните сојузници по убиството на саудискиот опозициски новинар Џамал Кашоги во декември 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул.
Саудиска Арабија е остро критикувана поради нејзините рестриктивни закони за политичкото и верско изразување и спроведувањето на смртната казна, вклучително и за апсење на обвинети уште додека се малолетни.
Ријад, чија монархија го практикува ригидниот облик на вехабитскиот ислам, ги негира обвинувањата за кршење на човековите права и тврди дека ја штити националната безбедност во согласност со своите закони. Агенцијата SPA извести дека во овој случај сите обвинети имале право на адвокат и дека им биле гарантирани целосните права според саудискиот закон во текот на судскиот процес.