По убиството на Тот, хрватските медиуми истражуваат: Хаос владее во ноќните клубови во Скопје кои ги контролира мафијата

Хрватските медиуми во мисија да се дознае вистината  за убиството на ракометарот Денис Тот пред клубот „Привилиџ“ во Градскиот парк.

„Јутарњи лист“ објавува информации за можните сопственици за дискотеката.

-Иако Стефан Стаменков официјално е наведен како одговорно лице во скопската фирма „Супер лајт парк“, која стои зад дискотеката „Привилиџ“ во скопскиот градски парк, јавна тајна е дека сопственик на дискотеката е Цветко Дичевски, подобро познат како Цветко или Цвеле Привилиџ. Се работи за лице кое има досие за убиство во обид со нанесување тешки телесни повреди во 2013 година, а откако хрватскиот ракометар Денис Тот (27), кој настапуваше за скопски РК „Бутел“, беше претепан до смрт пред тој фолк клуб на 7 април околу 3.30 часот дотичниот го избришал својот Фејсбук профил, пишува „Јутарњи лист“.

„Јутарњи“ забележува дека е тешко да се дознае кои се вистинските газди на дискотеката која ја нарекуваат „народњачки“ клуб.

Хаос и беззаконие е описот на „Јутарњи“ за ноќните клубови во Скопје.

-Мафијата историски отсекогаш се обидувала да го контролира ноќниот живот до одреден степен затоа што им нуди многу придобивки: од нелегалниот пазар на дрога до голем број креативни начини за перење валкани пари-пишува „Јутарњи“.

-Секоја вечер, од пролет до есен, ноќниот живот се сели во угостителските објекти во скопскиот градски парк, каде на површина од повеќе од 1.000 метри квадратни се наоѓа „Привилиџ“, пред која до смрт беше претепан Денис Тот. Измешани се звуците на турбо фолк, техно, секој што мисли дека е важен и сака да биде виден е таму. Но, тоа е и голема сива зона каде законите не постојат и не функционираат, пишува Јутарњи.