ФОТО| Воените оркестри на АРM и aрмијата на САД за Европа и Африка на заедничкиот настап упатија пораки на пријателство и мир

Воените оркестри од Армиите на Република Северна Македонија и на САД за Европа и Африка “USAREUR-AF” како дел од предвидените активности во пресрет на вежбата “Swift Response 22” вечерва одржаа едночасовен заеднички  концерт.

На концертот кој се одржа во паркот во населбата Аеродром во Скопје, пред многубројните посетители меѓу кои беа и заменик на министерот за одбрана, Башким Хасани, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, бригаден генерал Орце Јордев, припадници од министерството за одбрана, генералштабот на Армијата и Амбасадата на САД, беа изведени повеќе композиции во аранжман на оркестрите.

Притоа, публиката имаше можност да проследи нумери во дувачка изведба меѓу кои и „Молитва за Украина“ „Марш за денот на слободата“, во кои провејуваа пораки на пријателство и мир во светот, поддршка за народот на Украина, но и со кои во заедничката изведба се демонстрира и сојузништвото помеѓу двете армии и држави.

Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија  како дел од армиската соработка, традиционално речиси секоја година одржува заеднички концерти со воените оркестри од армиите на НАТО.

Веќе во следниот месец граѓаните ќе имаат можност да проследат  заеднички настап на Воениот оркестар со оркестарот на кралската гарда на Норвешка.