Европската комисија им предлага на земјите членки на Европската унија потпишување договор со Египет и со Израел за зголемување на увозот на природен гас од источен Медитеран, според нацрт-документ од 7-ми јуни во кој увид имала агенцијата Reuters.
Нацрт-меморандумот за разбирање, кој е подложен на дополнителни промени и да го одобрат владите вклучени во него, е дел од напорите на ЕУ да го намали увозот на фосилни горива од Русија, по војната во Украина.
„Природниот гас кој ќе биде испорачан во Европската унија ќе потекнува или од Арапската Република Египет, Израел или кој и да е друг извор во источномедитеранскиот регион, вклучително и државите членки на ЕУ во регионот“, се наведува во документот сочинет на девет страници.
ЕУ соопшти дека има намера да склучи трилатерален договор со Египет и Израел пред почетокот на летото, но поединостите за нацртот од 7-ми јуни не се јавни. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен треба да го посети Каиро следната седмица.
Од Европската комисија одбиле за Reuters да го коментираат нацрт-договорот, како и прашањето дали Фон дер Лејен ќе патува во Египет поради потпишување на меморандумот/
Нацрт-договорот ги утврдува начелата за засилена соработка меѓу трите партнера, но не наводи колку гас ЕУ би увезувала, ниту поставува какви и да се рокови за испораките.
Во документот се наведува дека испораките ќе вклучуваат користење инфраструктура за течен природен гас (LNG) во Египет, со напомена дека Египет има планови да стане регионален центар за природниот гас.
Меморандумот за разбирање би траел девет години од неговото потпишување, стои во документот. Тој дел сѐ уште е во загради, што значи дека постои поголема шанса дека би можело да биде променет отколку други параграфи.
Токму инсистирањето на ЕУ нејзините членки да не склучуваат долгорочни договори за испораки на гасот со Русија, меѓу другото, придонесе и за неколкукратниот скок на цената на гасот минатата година, во услови на испразнетите резервоари во Европа.
Колку гас ЕУ може да очекува?
Египет веќе извезува но релативно мали количества гас во ЕУ, а двете страни очекувале да се зголеми производството и извозот во следните години. Владата во Каиро не била достапна за коментар на меморандумот за Reuters.
Во текот на минатата 2021 година Египет извезол 8,9 милијарди кубни метри течен гас и 4,7 милијарди кубни метри во првите пет месеци од оваа 2022 година и тоа најголемиот дел од тој извоз е во Азија, според податоците на Refinitiv Eikon
Прогнозите за Израел се дека има шанси во следните неколку години да го удвои производството на гас на околу 40 милијарди кубни метри гас годишно. Претходно израелски функционери изјавуваа дека се надеваат дека ќе биде постигнат договор за снабдување на ЕУ со гас.
Минатата година Русија во Европската унија испорачала најмалку 155 милијарди кубни метри гас, што е околу 40 отсто од вкупната потрошувачка во Унијата. Брисел настојува да обезбеди други правци на снабдување со кои би ги заменила овие количества во обидот да ѝ нанесе економски штети на Москва, како наводна казна за нејзината војна во Украина, но таквата тенденција се разработува речиси цела деценија, главно под притисок на САД.
Сепак, Европа се соочува со тешкотии во намерите да ја намали зависноста од гас и нафта од Русија, оцени во четвртокот советникот за енергетска безбедност на американскиот Стејт департмент, Амос Хохштајн.
„Тоа нема да биде едноставно, Европа е силно и долго време зависна од руските енергенси. Ќе биде потребно време да се промени курсот, а Европа ќе се соочи со тешки одлуки за да ја намали таа зависност“, изјави Хохштајн.
Според него, најефективниот начин за намалување на побарувачката на руските енергенси би било да се намали зависноста на Европа од сите видови фосилни ресурси, кои сега ѝ се испорачуваат од Русија.
„Претседателот (на САД, Џо Бајден) јасно стави до знаење дека треба да ги постигнеме овие цели паралелно, оддалечувајќи се од руските фосилни горива“, додаде Хохштајн.
Но истовремено признава и дека приходите на Русија од продажбата на јаглеводороди се зголемени во однос на периодот од пред почетокот на војната во Украина поради растот на цените на нафтата и гасот на светските пазари, кои така реагираа на жестоките западни санкции против Москва.
Европа складира гас поради ризиците од нови антируските санкции
Европските компании забрзано ги полнат подземните складишта за гас поради ризиците од нов бран санкции против Русија, кои можат дополнителни да влијаат и врз цените и врз снабдувањето со овој енергенс. Тоа придонесе во четвртокот цената на европската берза на гас повторно да надмине 1.000 долари за илјада кубни метри.
Директорката за истражување во консултантската компанија „Vygon Consulting“, Марија Белова, е убедена дека во услови на нормално функционирање на пазарот цените на гасот влијаат на брзината на пополнувањето на складиштата, но оти моменталната ситуација е далеку од вообичаената.
„Европската комисија.. работи над пакети со санкции (во моментов се дизајнира веќе седмиот – з.р.), така што компаниите проценувајќи ги ризиците гасот да дојде таму, како и прилагодувајќи се на факторот на воените дејствија и потребата за нивото на резерви во подземните складишта за гас, забрзано складираат гас и покрај високите цени“, забележува Белова.
Европските компании од пред извесно време почнаа интензивно да ги надополнуваат резервите со гас, подготвувајќи се за зимскиот период. Според податоците на Gas Infrastructure Europe (GIE), просечното ниво на исполнетост на подземните складишта во Европа утрото на 8-ми јуни надминало 50 отсто.
Со тоа Европа за три месеца ги дополнила резервите за речиси 26 милијарди кубни метри гас. Сега вкупниот обем на гас во подземните складишта надминува 53 милијарди кубни метри. За да се постигне целното ниво од 80 отсто, на Европа пред почетокот на грејната сезона, околу 1-ви ноември, ќе ѝ бидат потребни за складирање уште околу 30 милијарди кубни метри гас.
Руските податоци, исто така, укажуваат и дека темпото и стапката на складирање генерално не се намалиле во Европа дури и откако неколку европски компании ја одбија новата шема на Москва за плаќање во рубљи. Последните денови од мај, руски „Газпром“ поради тоа ги запре испораките за дански „Orsted“, холандски „Gasterra“ и „Shell Energy Europe“ со договори за снабдување на клиенти во Германија. Меѓутоа, дваесеттина големи енергетски компании од западна Европа, во прв ред од Италија, Германија и Франција, се согласија за примена на новиот модел наметнат од Москва поради санкциите против нејзиниот финансиски и банкарски сектор.