Струјомерите ќе мора да се читаат најмалку четири пати годишно

Електродистрибуција ќе мора најмалку четири  пати годишно да ги чита струјомерите, изјави денеска директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, по средбата со народниот правобранител Насер Зибери, кај кого има многу поплаки од граѓани поради нередовно читање на струјомерите и високи сметки, што беше повод за заедничката средба.

Според сегашната регулатива, обврската за читање на струјомерите е еднаш годишно.

„Препорака е тоа да се прави и почесто, особено во зимските месеци. Оставена е можноста за рамномерно плаќање на струјата на 12 рати. Односно, да се види колкава е годишната потрошувачка на струја за едно домаќинство, за да не се случи, на пример, во зима да плаќаат струја по 8.000 денари, а на лето по 1.500 денари. Ако сакаат, да може да плаќаат еднакви износи во текот на 12 месеци. За ова ќе разговараме со енергетските компании“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека се испраќа сигнал до домаќинствата дека, доколку ја трошат нерационално енергијата, ќе плаќаат повеќе.

„Ние сме енергетски сиромашна земја. Треба да има струја за сите, и не сметам дека тоа е противуставно. Сето ова е опција за граѓаните, да си направат рамномерна распределба на својот буџет“, додаде Бислимоски.