СДСМ: Анти-логика, Мицкоски е против подобар предлог од Резолуцијата на ЕПП што ја прифати

Деструктивното однесување на Христијан Мицкоски, во однос на евроинтеграциите и прашањето со Бугарија, се коси со секоја логика, велат од СДСМ.

„Мицкоски го одби уште непрочитан предлогот на француското претседателство за отпочнување на преговорите со ЕУ. Во предлогот е јасно наведено дека имаме чист македонски јазик, дека идентитетските прашања се заштитени, а историските прашања се надвор од преговарачкиот процес.

Истиот тој Мицкоки пред само некој месец премолчено се сложи на Резолуција на Европската народна партија каде беа содржани сите бугарски барања, а Резолуцијата беше усвоена на конгрес каде Мицкоски беше и лично присутен.

Сето ова само покажува дека Мицкоски ниту има ниту имал ниту ќе има чувство за државност и за политичка одговорност во важни процеси. Неговата цел никогаш не била државата ниту иднината на граѓаните. Неговата цел никогаш не бил македонскиот идентитет, македонскиот интерес.

Мицкоски само сака да предизвика некоја штета, ако може да за закочи државата, да доживее некаков неуспех, да биде заглавена, а тој некако да успее политички да профитира од сето тоа.

Сите лажни тврдења на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ потонаа и токму процесот на широки консултации ќе ги демантира и лажните наводи што Мицкоски ги изнесува во последните неколку денови“, стои во соопштението на СДСМ.