Ненамерен израелски оган веројатна причина за смртта на новинарката Абу Аклех, според извештајот на САД

Новинарката на панарапската катарска сателитска телевизија Al Jazeera, Ширин Абу Аклех најверојатно загинала во ненамерно стрелање од израелски позиции, но независните иследници не можеле да донесат конечен заклучок за куршумот кој ја погодил, соопшти во понеделникот американскиот Стејт департмент.

Американско-палестинската новинарка беше убиена на 11-ти мај додека известуваше во текот на рацијата на Израелските одбранбени сили (IDF), во близина на бегалскиот логор Јанин, на палестинската енклава Западниот брег (од реката Јордан), која меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во ткн Шестдневна војна од 1967 година. Споменатиот камп САД го сметаат за упориште на вооружените палестински фракции, меѓу кои и на Исламскиот џихад.

Американскиот координатор за безбедност (USSC), заклучил дека истрелите од израелските позиции најверојатно се причина за нејзината смрт.

„Американскиот безбедносен координатор не најде причина да верува дека тоа било намерно, туку попрво е резултат на сплетот на трагични околности во текот на воена операција на IDF против палестинските фракции на Исламски џихад“, се истакнува во соопштението на Стејт департментот.

Палестинската самоуправа, која ја има власта на Западниот брег, пред два дена на Американците на вештачење им го предаде куршумот со кој била убиена новинарка, а кој ќе им биде вратен на Палестинците. Палестинската новинска агенција Wafa објави во саботата вечерта дека била одобрено предавањето на куршумот на САД, но не и на Израел.

Сепак, во неделата израелските власти соопштија ќе го тестира куршумот кој бил смртоносен за палестинско-американската новинарка Ширин Аби Аклах, за да се утврди дали ја убил израелски војник, и истакнаа дека во текот на постапката ќе биде присутен американски набљудувач.

Меѓутоа, со форензичката анализа којашто ја спровела трета страна, балистичките стручњаци утврдиле дека куршумот е тешко оштетен оти не е возможно да се донесе јасен заклучок за него, додаваат од американскиот Стејт департмент.

Палестинците тврдат дека Израелците намерно ја убиле новинарката, додека израелската страна го негира тоа и појаснува дека е можно дека ја погодил заталкан куршум или била погодена со куршум од оружјето на еден од палестинските напаѓачи.