Заврши вечерашниот протест пред Собранието, приведени и тепани демонстранти, повредени полицајци

Заврши вечерашниот, четври по ред протест за францускиот предлог, кој почна пред Владата, а продолжи пред МНР и заврши тензично пред Собранието. Протестот на почетокот започна мирно, а потоа ескалираше ситуацијата откако група демонстранти ја урнаа заштитната ограда и почнаа да фрлаат со јајца, камења, молотови коктели и други предмети кон собраниската зграда и полицискиот кордон, барајќи оставка од премиерот и министерот за надворешни работи.

Насилството на дел од демонстрантите запре откако полициски екипи интервенираа и почнаа да ги бркаат и да ги апсат демонстрантите во Жена борец и Градскиот трговски центар. Имаше и случаи на физичко насилство од страна на еден полицаец, кој нападна граѓанин кој протестираше.

Според неофицијални информации има и неколку повредени полицајци.

Според објавените видеа на социјалните мрежи, демонстрантите употребувале метални држачи, бекатон плочки и даски, при обидот да се пресметаат со полициските специјалци.

На протести против францускиот предлог од саботата повикуваат двете опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.