Даниел Рикиардо си заминува од Мекларен

Австралискиот возач Даниел Рикиардо ќе го напушти Ф1 тимот на Мекларен на крајот од оваа сезона, а веста ја потврдија и возачот и британскиот тим. Рикиардо, кој му се приклучи на Мекларен минатата година, имаше договор до крајот на сезоната 2023 година, но двете страни се согласија на предвремен раскин.

Засега врв во кариерата на Австралиецот зад воланот на тркачките болиди на Мекларен е минатогодишната победа на Големата награда на Италија во Монца, а во својата колекција има вкупно осум победи.

„Беше привилегија да се биде дел од семејство на Мекларен овие две години. Но, по неколкумесечни дискусии, решивме предвреме да ја прекинеме соработката“, изјави 33-годишниот Рикиардо, додавајќи дека наскоро ќе ги открие неговите планови.

Во тимот останува Ландо Норис, а името на вториот возач за следната сезона подоцна ќе го соопшти тимот кој на Рикиардо ќе ја плати последната година од договорот. Наследник на Рикиардо би требало да биде неговиот сонародник Оскар Паистри.