По реакцијата на поранешниот албански претседател, Илир Мета, по веста дека против него е започната истрага од Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал, СПАК, во која, првиот човек на ова институција Арбен Краја, го етикетира како „партиски слуга (потрчко)“ следуваше реакција од американската амбасадорка во Тирана, Јуриј Ким, јави дописничката на МИА од Тирана.
Во реакција на социјалната мрежа „Твитер“, таа пишува дека заканите кон судиите и обвинителите и обидот за нарушување на реформите во правосудството не може да се прифатат како нормални во земја кандидат за ЕУ и членка на НАТО.
-Заканите и заплашувањата против обвинителите и судиите и секој обид за попречување на реформите во правосудството во Албанија не треба да се прифаќаат како нормални. Вакво однесување не и прилега на земја членка на НАТО, која ги отвори преговорите со ЕУ и седи во Советот за безбедност, пишува Ким.
Американската дипломатка во овој одговор на Илир Мета нагласува дека „никој не е над законот“.
-Долго време богатите или моќните веруваа дека се недопирливи. Сега се загрижени дека неказнувањето е при крај. И додека реформата во правосудството се спроведува и дава повеќе резултати, станува јасно и појасно дека никој не е над законот, констатира Ким.