Град Скопје распиша јавен повик за избор на кандидати за бесплатна настава и обука за оџачари

Во рамки проектот “Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопјe”, Град Скопје денеска го распиша Јавниот повик за избор на кандидати за бесплатна настава и обука за оџачари.

Проектот “Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопјe” е финансиран од Министерство за економска соработка и развој од Сојузна Република Германија, а се реализира во соработка со збратимениот град Нирнберг од Сојузна Република Германија.

Проектот има за цел да обезбеди контрола на загадувањето на воздухот во Скопје на начин на кој ќе обезбеди услови за одржување на бесплатна настава и обука за возобновување на професијата оџачар преку размена на искуства со оџачари од Сојузна Република Германија.

Обуката ќе ја спроведуваат верификувани и сертифицирани обучувачи од СГГУГС „Здравко Цветковски“ и искусни оџачари од Сојузна Република Германија. Наставата и обуката ќе се реализира во период од 3 (три) месеци и истата вклучува теоретска настава и практична обука во реални услови.

Практичната обука за оџачари ќе се реализира во период од 1 (еден) месец, од кои 2 (две) работни недели пракса во Скопје, а 2 (две) работни недели пракса во Нирнберг, со покриени патни трошоци, како и трошоци за престој и храна во СР Германија.

Кандидатите кои ќе ја завршат теоретската настава, практичната обука и успешно ќе го положат завршниот испит, ќе се стекнат со сертификат издаден од верификувана установа за оџачари од Скопје и уникатна можност за започнување на сопствен бизнис.
Јавниот повик трае 10 работни денови, заклучно до 08.09.2022 година.

Јавниот повик со сите општи услови и критериуми, како и пријавата за јавниот повик се достапни на следниот линк – https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/