Италијанскиот претседател во официјална посета на Македонија

Претседателот на Италија, Серџо Матарела, денеска во вечерните часови ќе пристигне во Скопје во рамките на официјалната посета на С Македонија и Албанија.

Како што соопштија од италијанската амбасада во Скопје, Матарела ќе биде примен од страна на Пендаровски (со кој веќе се сретна во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година), а по тет-а-тет средбата, заедно со нивните делегации, државниците ќе одржат работна средба. На крајот предвидена е прес-конференција.

По средбата со Пендаровски, Матарела во Собранието ќе биде примен од претседателот на парламентот Талат Џафери. Во рамки на свечената седница, италијанскиот претседател ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата. Потоа, заедно со претседателот Пендаровски, ќе се поклони на споменикот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

Во попладневните часови и премиерот Ковачевски ќе го пречека Матарела, со што италијанскиот претседател ќе ја заврши посетата.

Серџо Матарела беше избран за претседател на Италијанската Република во јануари 2015 година, а на таа функцијата беше реизбран и во февруари 2022 година, со над 75 отсто од гласовите на Собранието, со што е втор претседател избран со најголем број гласови во историјата на Италијанската Република.

„Посетата на Матарела на највисоко ниво го потврдува интензитетот на односите меѓу Италија и Северна Македонија, на политичко поле (Италија отсекогаш ги поддржувала евроатлантските амбиции на Северна Македонија и го поддржува нејзиниот развоен и институционален пат со широк сет на иницијативи за соработка), општествено (Италија е домаќин на значителна македонска дијаспора) и економско-трговско поле (Италија е осми трговски партнер, со силен нагорен тренд). Исто така, во земјава расте и интересот за италијанската култура и јазик“, соопштуваат од италијанската амбасада во Скопје.