Кампања на РСБСП и МВР за безбедно возење на трактор и земјоделски машини

Септември е месец кога поинтензивно се одвиваат земјоделски активности, како гроздобер и сл., што значи дека ќе се зголеми бројот на земјоделски машини кои ќе се вклучат во сообраќајот на патиштата. Затоа, Републички совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) и МВР спроведуваат кампања „Безбедно возење на трактор и земјоделски машини“.

Целта на кампањата е подигање на свеста за одговорно и рамноправно учество во сообраќајот на возачите на трактори и земјоделски машини, подигање на свеста за управување на технички исправни и регистрирани трактори и други работни машини, свеста за нивна поголема видливост во сообраќајот, исправност на светлосните сигнални уреди, како и подигање на свеста на возачите на трактори за почитување на правилата и прописите во сообраќајот, но и за подигање на свеста кај останатите возачи на моторни возила за поголема внимателност во сообраќајот и почитување од нивна страна на возачите на трактори и другите земјоделски машини како рамноправни учесници во сообраќајот.

Кампањата ќе се реализира на територијата на целата држава. РСБСП и МВР ќе организираат повеќе јавни настани за директна комуникација со возачите на трактори и земјоделски машини, едукација и превентивно предупредување од страна на сообраќајната полиција на возачите на трактори ‒ за нивно безбедно и одговорно учество во сообраќајот, и други активности.

РСБСП упатува апел до возачите: Обрнете внимание на тракторите и земјоделските машини – и тие рамноправно учествуваат во сообраќајот, а на возачите кои управуваат со трактор и земјоделски машини им порачува: Возете технички исправни и означени трактори и други земјоделски машини, бидете видливи во сообраќајот и почитувајте ги правилата и прописите.