Руските сили одбиле украински напад во Доњецк

Украинските трупи претрпеа загуби во текот на неуспешниот обид да напредуваат во правец на Красниј Лиман во Краматорската област во источниот украински регион Доњецк од кој поголем дел под контрола од 2014-та е под сепаратистичките проруски сили сега поддржани од руската војска, соопшти во средата руското Министерство за одбрана кое во дневниот брифинг известува за одбиени украински напади и на други правци на боиштето.

„Во неуспешниот обид за офанзивно напредување на украинската групација војски во правец на Кресниј Лиман, загубите на 66-та и 93-та механизирана бригада на Вооружените сили на Украина, изнесуваат повеќе од 70 загинати, четири тенкови, шест пешадиски борбени возила и три оклопни возила“, се наведува во соопштението чии наводи не можат да се проверат од независни извори и во кои не се наведуваат податоци за загуби на руска страна.

Се додава и дека загинале „повеќе од 150 украински војници и уништени 12 оклопни возила“, во масивен удар на руските силите врз позициите на 14-та и 92-та механизирана бригада на украинската војска во Харковската област на истокот на Украина.

Според истиот извор, повеќе од 100 украински војници загинале и 20 единици воена опрема биле уништени во дејствувањето на руската војска врз позициите на тактичката групација „Чајка“ на маринскиот корпус на украинската армија на островот Хортица на реката Дњепар во Запорошката област во делот кој е под контрола на Киев, како и врз позициите на 56-та моторизирана пешадиска бригада, исто така, во Запорожје.

„Во ударите со висока прецизност на руските воздушни сили во близина на градот Харков погодени се погони за производство и ремонт, во кој имаше повеќе од 90 тенкови и други оклопни борбени возила на Вооружените сили на Украина“, се додава во дневниот брифинг на руското Министерство за одбрана.

Покрај тоа, се додава, руските единици уништиле и десет теренски артилериски вооружувања, меѓу кои и две самоодни хаубици „М777“ од американско производство, во напад врз фабрика во Запорожје.