Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. И на крај, никогаш мојата плата не била 300 000 илјади денари, реагира директорката на Детската клиника д-р Аспазија Софијанова по обвинувањата на новинарот Фуркан Салиу од Клан ТВ дека Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.
Според Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.
„Секогаш и во секоја можност во мојата долгогодишна кариера сум била, сè уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден после 24-часовно дежурство, после предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо за најавената тема се претвори во настанот кој за жал веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања. Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. И, на крај, никогаш мојата плата не била 300 000 илјади денари, никогаш“, се вели во реакцијата на д-р Софијанова.
Таа додава дека била шокирана од обвинувањата за нејзините дежурства на Одделот за интензивна нега, за сите тешки случаи со дечиња на интензивна и сите други одделенија.
„На секој утрински рапорт стои моето име, за секоја посериозна одлука, а знаете станува збор за живот и здравје на дечиња. Тие се мојот приоритет, јас работам и кога не сум физички присутна, достапна сум 24/7 и тоа го имам прифатено како животен стил бидејќи тоа е она што го знам најдобро во интерес на сите мои и наши пациенти. Останувам транспарентна и достапна за сите информации“, порача директорката на Детската клиника.