САД сакаат да испорачаат за Украина противракетни системи „HAWK“?

САД разгледуваат опции да испратат во Украина од постарите системи за противвоздушна одбрана „HAWK“, како поддршка во одбраната од нападите со руски беспилотни летала и крстосувачки ракети. Тоа за западни медиуми го изјавија двајца американски претставници кои инсистирале на анонимност.

Ракетите-пресретнувачи „HAWK“ би биле надградба на ракетните системи „Стингер“ – рачните ракетни противвоздушни системи со мал дострел – какви што САД веќе им доставија на украинските сили по руската инвазија.

Администрацијата на Бајден би искористила претседателски можности – да префрлаат одбранбена опрема без одобрение од Конгресот – за да се пренесе опремата „HAWK“, втемелена врз застарена технологија од времето на Виетманската војна, но неколкупати потоа надградувана.

Засега во западните медиуми не се споменува колку системи и проектили „HAWK“ САД имаат на располагање за испорака. Белата куќа засега нема коментар по информациите.

Системот „HAWK“ е основа врз која подоцна е изработен ракетниот одбранбен систем „Патриот“, што засега не е на листата опрема предвидена за испорака за Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден му вети на украинскиот претседател Володомир Зеленски дека Вашингтон ќе и обезбеди на Украина напредни системи за ПВО по разорните ракетни напади на руските сили претходно овој месец.