Во една нова студија се наведува дека се повеќе Германци веруваат во тврдењата на пропагандната машина на рускиот претседател Владимир Путин. На истокот од земјата бројот на оние кои и веруваат на Москва е многу поголем отколку на западот, пишува Дојче веле.
„Нападот на Русија врз Украина е реакција на провокациите на НАТО што Москва не можеше да ги игнорира.“ се објаснувањата на 19 отсто од германските граѓани кои биле анкетирани од страна на Центарот за набљудување, анализа и стратегија (ЦеМАС).
Студијата на оваа невладина организација покажува дека, особено на истокот на земјата, верувањето во пропагандата на Путин е висока. Повеќе од една третина од анкетираните овде веруваат дека НАТО ја „провоцирал“ Русија, а во западна Германија овој процент е повеќе од половина помал.
Слична е ситуацијата и со уште едно омилено тврдење од пакетот теории на заговор: дека рускиот претседател Владимир Путин ја води борбата против глобалната елита која „ги влече конците одзади“, сметаат 27 отсто од испитаниците на истокот на Германија, а 16 отсто на запад.
Најголемата поддршка за овие теории на заговор доаѓа од гласачите на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД). Речиси половина од гласачите на оваа партија веруваат не само дека НАТО го испровоцира Путин, туку и дека Украина е дел од Русија.
Авторите на студијата велат дека резултатите, со оглед на зголемената поддршка за Путин во германското општество, се „вознемирувачки”. ЦеМас, кои се занимаваат со истражување на лажните вести и дезинформациите, бараат од политичарите да поттикнат посилна конфронтација со феноменот на ширењето на лажни вести.
Во последниве недели има се повеќе протести во градовите, особено во источна Германија, каде барањата за посилни антиинфлациски мерки се мешаат со барањата за укинување на санкциите против Русија и немешање во војната во Украина.