СЗО: 29% од децата се соочуваат со зголемена телесна тежина или дебелина

Проблемот со зголемена телесна тежина и дебелина кај децата претставува закана по здравјето во европскиот регион на СЗО и се поврзува со голем број незаразни болести (НЗБ), од кардиоваскуларни заболувања, па сè до дијабетес и канцер. Денес, едно од три деца на училишна возраст во регионот се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина, а стапките се во пораст во голем број земји. За да се најдат подобри решенија за овој проблем, потребни се квалитетни податоци.

Податоци од 33 земји од европскиот регион на СЗО

СЗО/Европа го претстави новиот петти по ред извештај на Иницијативата за следење на дебелината кај децата (COSI). Наодите во него се засноваат на најновите податоци собрани во периодот помеѓу 2018 и 2020 година во 33 земји од европскиот регион на Европа. Вкупно речиси 411.000 деца на возраст од 6–9 години беа измерени.

Клучни наоди

Севкупно, 29% од децата на возраст од 7–9 години во земјите учеснички во истражувањето се соочуваат со проблемот на зголемена телесна тежина (вклучително и дебелина). Преваленцијата е поголема кај момчињата (31%) отколку кај девојчињата (28%).

„Наодите од извештајот покажуваат дека и понатаму едно од три деца се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина. Мора побрзо да делуваме во насока на намалување на овие бројки”, рече д-р Кремлин Викрамасинге, вршител на должност – Шеф на европската канцеларија на СЗО за превенција и контрола на НЗБ, којашто го изработи извештајот. „Итно ни се потребни подобри политики кои може да ни помогнат да ги промениме актуелните трендови на дебелина кај децата – особено по пандемијата на КОВИД-19 која се смета за опасен двигател на нивоата на зголемена телесна тежина и дебелина “.

Намалување на зголемената телесна тежина и на дебелината: само во три земји

Новиот петти по ред извештај на COSI, во споредба со претходниот извештај (2015-2017), бележи статистички значително намалување на преваленцијата на зголемената телесна тежина меѓу момчињата и девојчињата на Малта, меѓу момчињата во Сан Марино и меѓу девојчињата во Италија, како и намалување во нивоата на дебелината кај момчињата во Сан Марино и кај девојчињата на Малта.

Од првото издание во 2007-2008 година па наваму, податоците на COSI покажуваат надолен тренд во однос на преваленцијата на прекумената телесна тежина во Грција, Италија, Португалија, Шпанија и Словенија. И покрај надолниот тренд, преваленцијата на зголемена телесна тежина и дебелина во овие земји – особено во Јужна Европа – и понатаму е меѓу највисоките во регионот.

Детално: Податоци за Северна Македонија во однос на проблемот со зголемена телесна тежина и дебелина содржани во петтиот извештај на COSI

Податоците од извештајот кои се однесуваат на децата на 7 годишна возраст во Северна Македонија покажуваат дека 32% од децата се со зголемена телесна тежина или дебелина, а 15% се со дебелина.

Зголемената телесна тежина заедно со дебелината е еднакво дистрибуирана и кај машките и кај женските деца, додека пак има разлика од 5% меѓу машките и женските кога е во прашање само дебелината (17,5% спрема 12,2%). Во споредба со претходниот круг на собирање на податоци во 2016, има зголемување на зголемената телесна тежина и дебелина кај девојчињата за скоро 2%, додека пак кај машките стагнира.

Кога станува збор за исхраната и физичката активност, податоците од извештајот покажуваат дека 77% од децата на 7 годишна возраст во Северна Македонија појадуваат секој ден. Речиси сите (87%) деца се физички активни најмалку 1 саат надвор од училиште, а 66% активно одат во училиште (не се пренесени со моторно возило до училиштето).

Од друга страна пак, извештајот покажува дека 57% од децата воопшто не посетуваат спорт или танцување, а 38% консумираат безалкохолни пијалаци со додаден шеќер (второ највисоко ниво во Европа).

Линк до извештајот: https://www.who.int/europe/publications/i/item/WHO-EURO-2022-6594-46360-67071