
По Литванија и САД, репрезентацијата на Србија е третиот полуфиналист на СП во Шпанија, откако вчера со 24 разлика им се одмазди на кариоките за поразот во групната фаза.
Предводени од Милош Теодосиќ кој постигна 23 поени, Србите по Грција, неочекувано лесно го совладаа и Бразил со 84:56 и во полуфиналето ќе се сретнат со репрезентацијата на Франција.
Уште од самиот почеток, избраниците на Саша Џорџевиќ го наметнаа својот стил на игра и после првите две четвртини на полувремето заминаа со предност од пет поени (37:32). Стартот на вториот дел донесе уште поубедлива предност за српските кошаркари, кои играа добра одбрана против Варежао и Тијаго Сплитер, со што ударниот тандем на Бразилците беше неутрализиран.
На патот на Србите до големото финале ќе им застане одличната селекција на Франција, која синоќа се покажа во одлично издание и ја совлада Шпанија so 65-52.
Синоќа „триколорите“ одиграа натпревар што уште долго ќе се прераскажува, а самите кошаркари веројатно ќе го паметат до крајот на животот.
„Горд сум на овој тим, бидејќи цело време верувавме во победа. Не беше лесно, сите ни говореа дека Шпанците е невозможно да ги добиеш на нивни терен. На моите соиграчи им повторував дека треба да се потрудат по крајот на дуелот да не жалат за ништо, да ја искористат секоја шанса за победа“, изјави Борис Дијао, кој во отсуство на Тони Паркер е лидер во репрезентацијата.
На другата страна очај и неверица. Шпанците беа толку сигурни дека во финалето ќе играат со селекцијата на САД, па не се ни потрудија добро да се подготват за дуелот со Франција.
„Сите мислеа дека ќе играме во финалето, па сега поразот е уште потежок. Очигледно дека не се подготвивме како што треба на последниот состанок, Французите одлично знаеа што ги чека, а на нас победата во групната фаза ни даде лажна сигурност“, изјави Хуан Карлос Наваро, за кого ова беше и веројатно последниот натпревар во дресот на шпанската репрезентација.
Вечерва се игра првиот полуфинален натпревар помеѓу САД и Литванија, дуел кој започнува во 21 часот.