Повикан на разговор во полиција стружанецот кој уби кучиња скитници

СВР Охрид информира дека на 10.01.2023 во 17.15 часот во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга, е извршен службен разговор со М.З.(62) од селото Ливада, струшко.

-Тој се сомничи дека во периодот од 06.45 до 07.15 часот на улица „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него е одземена ловечка пушка-сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Охрид.

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ вчера објави видео со вознемирувачка содржина од, како што соопштија, масовно убиство на кучиња во Струга.

– Полициските службеници при увид одбиле да повикаат јавен обвинител и одбиле да ги пратат лешевите на обдукција бидејќи била СКАПА. При обдукцијата во ветеринарна станица во Битола СВР Битола одбиле да го превземат доказниот материјал – куршумите бидејќи не било нивна работа. Како МВР планира да открие кои се каубојците во Струга кои искористиле цел арсенал муниција од кои 7 куршуми во едно куче?, обвинија денеска од Здружението во отвореното писмо до министерот Оливер Спасовски.