Берлин признава дека не е подготвен да му испорача тенкови на Киев

Како резултат на состанокот на контакт групата за поддршка на Украина, земјите на НАТО и нивните сојузници не успеаја да постигнат консензус за испораките на германските тенкови „Leopard 2“ на Киев, но Берлин ќе продолжи да ја разгледува таквата можност, изјави во петокот новиот германски министер за одбрана, Борис Писториус.

Пред почетокот на состанокот на околу 50 министри за одбрана на земјите кои ја поддржуваат Украина во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија, извори до германската влада соопштија дека ќе дадат одобрување, и покрај големото противење на Германците што го покажуваат анкетите, доколку САД се согласат да ги испратат своите „Abrams“ тенкови. Но Вашингтон јасно даде до знаење дека нема да ги испорача тие тенкови во скора иднина. Тврди дека тоа би бил кошмар за украинските сили поради големата потрошувачка на горива за нив и сложеното и скапо нивно одржување.

И покрај таквите колебања, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази надежи и уверување дека на состанокот во Рамштајн ќе биде донесена одлука за снабдување на Украина со модерно тешко вооружување, во прв ред борбените тенкови, во заднина на последните пробиви на руските единици на украинските одбранбени линии.

„Разговаравме за можна испорака на тенковите Leopard 2. Морам да констатирам дека нема единствено мнение по ова прашање“, изјави Писториус за новинарите.

Според него, има „добри аргументи“ и за и против за испораките на германските тенкови на Украина и сите тие треба да „многу внимателно да се измерат“.

„Не можеме да кажеме кога и каква одлука ќе биде донесена за тенковите Leopard“, истакна Писториус.

Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц е под притисок да ѝ ги испорача споменатите тенкови на Украина која бара од сојузниците во стотици, или барем да го одобри натамошниот трансфер на земјите коишто ги поседуваат за што е потребно одобрување од земјата производител, во случајот Германија. Некои земји од НАТО, како Полска, порачаа дека и без одобрување од Берлин ќе му предадат на Киев дел од своите тенкови „Leopard 2“.

Писториус во петокот, исто така, вети дека ќе продолжи со испораките на оружје и воена опрема за Украина „во непроменет формат“ и ги наведе претстојните испораки на „приоритетните за Украина“ системи за напредните ракетни офанзивни и системи за противвоздушна одбрана „Patriot“, противвоздушните самоодни системи IRIS-T, оклопните борбени возила „Marder“ и „Gepard“, како и обука на украинските војници за ракување со таквите вооружувања.

Претходно во германските медиуми беше преиспитуван ставот на Писториус во врска со војната во Украина. Така весникот Welt објави дека тој во 2018 година повикал да се преиспитаат санкциите на Европската унија против Русија воведени во 2014 година поради наводната тогашна нејзина улога во украинската граѓанска војна по превратот поддржан од Западот во Киев во 2014 година.

Се додава и дека Писториус бил член на Германско-руската група за пријателство. Според медиумите во сојузната покраина Долна Саксонија, каде што тој до четвртокот беше министер за внатрешни работи, Писториус учел руски јазик, но жестоко ја критикувал руската инвазија врз Украина на крајот до ланскиот февруари.