Новиот чешки претседател со телефонски разговор со Тајван ја разгневи Кина

Кина во вторникот остро го критикуваше новоизбраниот чешки претседател Петр Павел, поранешен армиски генерал и висок функционер на НАТО, откако ден претходно телефонски разговараше со претседателката и со министерот за надворешни работи на Тајван,

„Павел… ја мина црвената линија за Кина. Тоа претставува сериозно мешање во внатрешните работи на Кина и ги повредува чувствата на кинескиот народ“, изјави на редовниот дневен брифинг во Пекинг, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Мао Нинг.

Пекинг побарал од Прага „веднаш да преземе ефикасни мерки за да го елиминира негативното влијание на овој инцидент и да избегне да им се нанесе неповратна штета на кинеско-чешките односи“, додаде Мао Нинг.

Петр Павел, кој во саботата победи на претседателските избори, на 9-ти март на должноста ќе го замени претседателот Милош Земан кој одржуваше блиски односи со Кина и со Русија.

Павел разговарал со тајванската претседателка Цаи Инг-вен која ми честитала на победата против поранешниот премиер, милијардерот од словачко потекло Андреј Бабиш.

„Ѝ се заблагодарив на честитките и истакнав дека Тајван и Чешката Република споделуваат вредности на слободата, демократијата и човековите права. Се договоривме да го јакнеме нашето партнерство“, објави Павел на Twitter изразувајќи надеж дека ќе се сретне со претседателката Цаи.

По оваа објава, чешкиот премиер Петр Фиала порача дека Прага не ја променила својата политика на „една Кина“, но има и добри односи со Тајван.

„Имаме традиционално добри односи со демократски Тајван, тоа се односи во областа на економијата, образованието и науката, и тоа е добри, но истовремено Чешката Република ја почитува и останува при политиката една Кина и поврзано со тоа ништо не се менува“, изјави Фиала во интервју за порталот blesk.cz.

 

Тајван е управуван од сопствена администрација од 1949 година, кога остатоци на силите на Куомитангот предводени од Чанг Кајшек (1887-1975) по поразот во граѓанската војна со Комунистичката партија на Кина побегнаа на островот. Оттогаш Тајпеј го задржа знамето и некои други атрибути на поранешната Република Кина, кои постоеја во континенталниот дел пред на власт да дојде Комунистичката партија.

Кина не го признава суверенитетот на Тајван и го смета за своја одметната покраина, и категорично се спротиставува на секој контакт на тамошните власти со официјални претставници на власти и војските на други земји. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“.

Кинеските власти се противат на официјалните контакти на други земји со Таван, бидејќи островот го сметаат за своја одметната покраина. Пекинг го зајакна воздушниот и поморски воен притисок и кибернетички напади на островот, откако претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси беше во посета на Тајпеј, што беше прва тава посета од која Вашингтон се воздржуваше повеќе од 25 години за да не се провоцира Пекинг. Потоа следеа уште две посети на Тајпеј на делегации на американски конгресмени.