Германските вооружени сили Бундесверот ја започна обуката на украински војници за управување со напредните тешки офанзивни тенкови „Leopard 2“, известија во понеделникот на брифингот во германското Министерство за одбрана. Претходно беше објавено дека станува збор за обука на 600 војници.
Обуката за тенковите за кои Киев смета дека ќе бидат клучни во неговите напори да ја врати под контрола територијата којашто во моментов е под контрола на руските сили, се изведува на полигонот крај градот Мунстер, во сојузната покраина Долна Саксонија.
Во Германија украински војници веќе се обучуваат на борбените оклопни возила „Marder“.
Според изворите на весникот Der Spiegel, станува збор за забрзана обука којашто ќе трае само шест до осум седмици. Вообичаено, темелната обука за управување со овие напредни тенкови трае неколку години, се забележува во информацијата. Се додава и дека доколку сѐ се одвива според планот, првите украински војници ќе бидат упатени во борбената зона на „Leopard 2“ кон крајот на март.
Кон крајот на јануари германската влада потврди дека на Украина ќе ѝ испорача 14 тенкови, една чета, од тенковите „Leopard 2“, а даде и одобрување и за реекспорт во Украина од другите земји кои ги поседуваат тенковите од германско производство. Според германскиот министер за одбрана Борис Писториус тенковите ќе бидат испратени на боиштето до крајот на март.
Германското министерство на почетокот од февруари го одобри извозот на 178 борбени тенкови од застарениот и расходуван модел „Leopard 1A5“ во Украина.
„Колку навистина тенкови Leopard 1A5 ќе бидат доставени во Украина, зависи од потребната работа за нивно ремонтирање“, беше објавени минатата седмица во Берлин.
Министерот за одбрана Борис Писториус во текот на ненајавената посета на Киев минатиот вторник изјави дека заедно со неколку европски земји е договорена испораката на 20 до 25 тенкови „Leopard A1“ до ова лето, а до 80 до крајот на 2024 година, со цел да се достигне бројката од повеќе од 100 во текот на првиот или вториот квартал следната година.