Платформа за родова еднаквост: Поради нехигиена, почина жена по направена киретажа

Платформата за родова еднаквост изразува сочувство до семејството на пациентката од Прилеп и најостро реагира на негрижата на државата и здравствените институции при груба повреда на човековите права и на флагрантно кршење на законите во државата како директна причина за настанатата смрт.

Имено, според информацијата пласирана во јавноста, постојат индикации за кршење на законите во однос на обезбедување соодветни санитарно-хигиенски услови во здравствена установа, отсуство на примена на соодветни хигиенски мерки чија директна последица е смрт кај пациентката. Ова укажува на сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето, што за жал се повторува повеќе пати изминатиот период во нашата држава. Пациентката после изведена киретажа во Прилепската болница била испратена на домашно лекување, за веќе следниот ден да се врати со сериозно влошена состојба и после препраќањето на Инфективната клиника во Скопје да настапи смрт. Ова било причина да се затворат операционите сали во Прилепската болница и да се испратат брисеви на испитување. Она што сериозно загрижува и не смее да помине без одговорност, е сомнежот за присуство на многу ретка и опасна интрахоспитална бактерија во здравствената установа, се вели ви оопштението од Платформата за родова еднаквост.