Железничкиот сообраќај во Грција е обновен во средата, повеќе од три седмици по тешката несреќа во којашто во судир на две композиции загинаа 57 лица.
По несреќата на 1-ви март, во поширокото подрачје на Атина, од пристаништето Патра и Солун сообраќаа само товарни возови. Патничките линии што ја поврзуваат Атина со аеродромот сега се повторно воспоставени, покажаа телевизиските снимки.
Во вторникот вечерта, премиерот Киријакос Мицотакис повторно се извини за несреќата и вети дека ќе ги модернизира грчките железници. Порача и дека нема да дозволи да се прикријат причините за оваа страшна несреќа.
Владата е многу внимателна во воспоставувањето на железничкиот сообраќај. Возовите сообраќаат побавно, бидејќи одвај работат контролните и безбедносните системи, а меѓуградската линија меѓу Атина и Солун, каде што се случи несреќата, нема да започне пред 1-ви април.
Железничарите не престануваат со штрајкот и бараат темелна истрага за причините за несреќата. Шефот на железничката станица во Лариса беше уапсен, бидејќи испратил патнички воз на погрешна пруга, но човечката грешка немало да има последици доколку функционирал електронскиот безбедносен систем.