За скоро време целата група која праќаше дојави за бомби во училиштата, ќе биде комплетно разоткриена, вели Спасовски

-Набрзо група македонски државјани ќе добијат кривични пријави за тероризам и ќе одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Коментирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека фаворизира одредени криминални групи, Спасовски тврди дека нема селекција во борбата против криминалот.
-За нас беше многу важна безбедноста на граѓаните и учениците како и на наставниот кадар, да биде на највисоко можно ниво и во тој дел апсолутно не е променето ништо со протоколите. Значи безбедноста мора да се сочува на едно високо ниво. Веќе поднесовме една кривична пријава против еден малолетник и практично навлегуваме во една група на лица кои учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси итн и сме во позиција за која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. И ова како појава нас ни овозможи практично да направиме и промени во делот на протоколите за постапувањето, вели Спасовски.