Основачот на проектот за училиштa за авганистански девојчиња уапсен во Кабул

Основачот на проектот за образование на девојчињата во Авганистан бил претепан и уапсен од страна на талибанските власти во Кабул, соопштија во вторникот неговиот брат и Обединетите нации.

Минатата година талибанските власти им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште, а подоцна и факултети, со што Авганистан стана единствената земја во светот која воведе такви ограничувања за образованието.

Матиула Веса, шеф на PenPath, беше запрен од мажи надвор од џамијата по молитвата во понеделникот вечерта, изјавил неговиот брат Самиула Веса за AFP.

„Кога Матиула им побара лични карти, тие го претепаа и насилно го одведоа. „Тој беше уапсен поради неговите активности во образовниот сектор. Никогаш не работел со никој друг, не со претходните власти. Работел само за PenPath“, рекол.

Мисијата на ОН во Авганистан преку твит потврди дека Матиула е уапсен. Талибанските власти сè уште не одговориле на барањата на AFP за коментар.

PenPath води кампањи за училиштата и дистрибуира книги во руралните области, а Веса долго време е посветен на истакнувањето на важноста на образованието на девојчињата на постарите жители во селата, каде што, како што се тврди во извештајот на AFP, ставовите полека се менуваат.

Од забраната за средните училишта за девојки, Веса продолжи да ги посетува оддалечените области за да добие поддршка од локалното население.

„Мажи, жени, стари луѓе, млади луѓе од целата земја бараат исламски права за образование на нивните ќерки“, напишал тој во твит неколку часа пред да биде уапсен.

Минатата седмица, кога започна новата учебна година без тинејџерките, тој вети дека ќе ја продолжи својата кампања.

„Штетата предизвикана од затворањето на училиштата е неповратна и непобитна. Одржавме состаноци со локалните жители и ќе продолжиме со нашиот протест доколку училиштата останат затворени“, напиша Веса на Twitter.

Талибанските власти наметнаа строго толкување на исламот откако се вратија на власт во август 2021 година по хаотичното повлекување на силите на САД и НАТО по дводецениската војна.

Талибанските челници постојано тврдеа дека ќе ги отворат училиштата за девојчиња откако ќе се исполнат одредени услови. Велат дека им недостигаат средства и време за промена на наставната програма според исламските принципи. Талибанските власти изнесоа слични тврдења за време на нивниот прв мандат на власт од 1996 до 2001 година, но училиштата за девојки никогаш не беа отворени.