Ковачевски: „Бехтел и Енка“ бараат договорот да биде деловна тајна

Владата го крие договорот со „Бехтел и Енка“ затоа што инвеститорот побарал одредени делови од договорот да бидат деловна тајна недостапна за пошироката јавност, премирот Димитар Ковачевски.

Јавното претпријатие за државни патишта кое е потписник на договорот тежок 1,3 милијарди евра, додава Ковачевски вакви слични договори склучило и со други изведувачи.

 

„Во случајов станува збор за проект кој што оди со проектирање и со изведба, и како и секој друг договор има ниво на доверливост, со оглед на тоа што има компании коишто во него наведуваат елементи на кој начин работат и проектираат и коишто како во секој двостран договор, не сакаат такви деловни тајни да бидат достапни на пошироката јавност или пак за конкуренцијата“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека тоа не значи дека таков договор не е достапен до оние кои што имаат право да го имаат согласно со постапките и процедурите во државата.

„Уште пред еден месец ја повикав Антикорупциска комисија да го погледне целиот случај од почеток до крај и исто така го повикав и Јавното обвинителство да го испита целиот случај од почеток до крај. Во моментот кога ЈО ќе го побара договорот, нормално дека тие согласно со процедурите ќе го добијат“, рече Ковачевски.

Тој уште еднаш ги повика и владите на САД и на Турција да кажат дали од нив или од нивни компании во текот на изминатите две години некој нешто барал од оваа држава во однос на овој проект. Тоа, како што нагласи го прави бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании, кои потекнуваат од САД и Турција да оствари одредена корист.

„Државна тајна е сосема друго. Кажав дека секој договор има степен на доверливост кој што се однесува на договорните страни. И врз основа на степенот на доверливост на договорите тие се доставуваат до оние кои што имаат пристап до такви договори“, нагласи Ковачевски додавајќи дека „никој ништо не крие од никого“.

Тој посочи дека договорот бил подготвен врз основа на специјален закон од пратеници и  предложен и усвоен во Собранието. Инаку, според договорот, „Бехтел и Енка“ треба да користат 51 процент ресурси од државата, а остатокот ќе биде од странство.

 

Тој повтори дека во договорот не се предвидени никакви пенали, но сепак додаде дека доколку од страна на пратениците се усвојат предложените законски измени, ќе се овозможи само за овој проект, кој е стратешки и од национално значење, да има 60 часовна работна недела.

„Што значи дека повеќе пари ќе останат во државата, секој работник кој ќе се согласи доброволно, бидејќи никој нема да биде присилен да работи 60 часа, ќе добие според Колективен договор и Закон за работни односи платено прекувремена работа и плус 50 проценти за работа во недела на основната плата. Тоа ќе значи дека проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку“, рече Ковачевски.

Доколку остане постојното решение со 40-часовна работна недела за сѐ, иако како што посочи, и во моментов има одредени индустрии и дејности кои што работат во недела, тоа ќе значи дека проектот ќе трае подолго и плус ќе биде платена повеќе работна сила којашто ќе биде донесена од странство.