Франција и балтичките земји запрепастени од коментарот на кинескиот амбасадор

Франција и балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија во неделата изразија запрепастеност од коментарите на кинескиот амбасадор во Париз, Лу Шаје, кои го доведуваат во прашање суверенитетот на поранешните советски земји, како што е Украина.

На прашањето дали Крим е дел од Украина или не, кинескиот амбасадор Лу Шаје во петокот изјави за француската телевизија дека Крим е дел од Русија и дека поранешниот советски лидер, инаку етнички Украинец, Никита Хрушчов во 1954 година со декрет го пренел во составот на тогашна Советска Република Украина.

„Земјите од поранешниот СССР немаат вистински статус во меѓународното право, бидејќи не постои меѓународен договор којшто го материјализира нивниот суверен статус“, додаде Шаје.

Франција во неделата одговори со изразување „целосна солидарност“ со сите погодени сојузнички земји за кои тврдеше дека ја стекнале својата независност „по децениите угнетување“ без да прецизира од кого.

„Конкретно, Украина беше меѓународно призната во нејзините граници, вклучувајќи го и Крим, во 1991 година. Таа беше призната од целата меѓународна заедница, вклучително и Кина“, рече портпаролот на француското Министерство за надворешни работи.

Портпаролот додаде дека официјален Пекинг ќе мора да разјасни дали овие коментари ја одразуваат позицијата на целата земја или не.